Совети од Клиника „Жан Митрев“: Препознај ги симптомите на мозочен удар и реагирај ,,ИТНО“!

Фото: Промо

Според податоците на Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди по еден човек доживува мозочен удар, а секоја 40. минута едно лице починува од истата причина. Бројките се застрашувачки!

Знаци и симптоми на мозочен удар се следниве: отежнат говор и отежната перцепција на околината, конфузност или сензорна афазија; парализа или слабост на лицето, рацете или нозете. Ова често се случува само на едната страна од телото, а може да предизвика и асиметрија на усните; проблеми со видот на едното или на обете очи, редуциран вид или темни точки на едно или на обете очи или двојно гледање; главоболка – нагла силна главоболка, која често се надополнува со повраќање, вртоглавица или нарушена свест; отежнато одење – атаксија, губење координација или нагла слабост.

Како да препознаете мозочен удар?

Мозочниот удар може да се манифестира на неколку различни начини. Кај полесните форми, мозочниот удар може да доведе до симптоми како: парализа на едната половина од телото и лицето, отежнат говор, отежнато голтање, тешкотии со дишењето, губење на видот, непрепознавање на лицата и целосно губење на говорот. Може исто така да се забележат и одредени случаи на тешка форма на поспаност, па дури и кома. Во најтешката форма, мозочниот удар може да предизвика моментална смрт. При појава на кој било од овие симптоми, потребно е веднаш да се оди на лекар, да се направат брзи неопходни иследувања, кои вклучуваат доплер ехографија и секако компјутеризирана томографија со ангиографија на каротидните артерии. За да се има подобар успех во лекувањето, потребно е иследувањата да се завршат во првите 6 до 12 часа.

Изведување на зафатот

Хируршкото лекување се употребува во хроничните форми на прележани мозочни удари со атеросклероза на каротидната бифуркација, и секако во акутните форми на мозочен удар. Со хируршкото лекување се отстранува атеросклеротскиот плак (наслага) од каротидната бифуркација и од внатрешната каротидна артерија, која директно ја снабдува со крв соодветната страна од мозокот. Атеросклеротските плаки (наслаги) можат да бидат калцифицирачки, мешани и најопасните таканаречени меки плаки, кои носат голем ризик за најтешка форма на мозочен удар. Кај последниот вид, постои индикација на побрза интервенција, дури и на помали стеснувања на внатрешната каротидна артерија, кои се откриваат при компјутеризираната ангиографија. Оперативниот пристап до каротидната бифуркација на левата или десната страна од вратот се планира во зависност од наодот на компјутеризираната ангиографија. Оперативниот рез е со големина од околу 2 сантиметри, поставен во согласност со наборите на вратот, за да по заздравувањето на раната тој да биде невидлив, односно да се скрие во наборите на вратот.

Предности од минимално инвазивното хируршко лекување

Не е само оперативниот рез минимално инвазивен. Се употребува и минимално инвазивен пристап и во анестезијата. Оперативната интервенција се изведува во блок анестезија или таканаречена локална анестезија, со давање анестетик директно во пределот на оперативната интервенција, без да се употребува општа ендотрахеална анестезија. Постојат повеќе предности при користење на оваа локална анестезија. Со избегнување на општата анестезија, се избегнува користење многу лекарства, интубација и механичка вентилација. Нема долго будење во интензивна нега со можност за хемодинамска дестабилизација. Воедно се избегнуваат и сите компликации што се поврзани со нив. Се скратува и времето на престој во болница. Доколку операцијата се изврши наутро, а пациентот биде стабилен, тој уште истата вечер може да се пушти дома. За време на оперативната постапка, пациентот е буден и комуницира со лекарите и сестрите, на тој начин во текот на оперативната интервенција се мониторира невролошки дали сè е во ред и крајниот резултат од истата е јасен. Невролошката процена е невозможно да се изведе кај заспан пациент во општа анестезија. Тој може невролошки да се процени дури откако ќе се разбуди, по поминати неколку часови од завршената оперативна интервенција. Ако кај него, по извршената оперативна интервенција во општа анестезија, се утврди невролошки дефицит, потребно е да се интервенира повторно, а можно е да биде поминато таканареченото златно време за интервенција, односно временската рамка во која може да се спаси оштетеното мозочно ткиво.

Овој нов минимално инвазивен пристап во третманот на каротидната атеросклероза дава уште една предност: период на заздравување кај овие пациенти е многу пократок. Ова значи дека можат многу побрзо да се вратат на секојдневниот начин на функционирање. Нема потреба од контрола на раната или вадење на конци бидејќи истите не се користат во затворање на раните. Раната може да се тушира следниот ден.

Овој минимално инвазивен пристап во лекување на атеросклерозата на каротидните артерии во Клиника „Жан Митрев“ се применува како рутински зафат. Досега се оперирани повеќе од 5.000 пациенти на овој начин, со одлични резултати. За информации обратете се на тел. 02/3091-484.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот