Совети од Клиника „Жан Митрев“: Предијабетес – може ли да се вратиме чекор назад од патот кон дијабетесот?

Фото: Промо

 Добрата вест е што оваа состојба може целосно да се повлече и организмот да се врати во здрава хомеостаза или во наjмала рака да се одложи појавата на дијабетес за подолг рок.

Според Американската асоцијација за дијабетес (АДА), предијабетесот претставува состојба на покачени нивоа на глукоза во крвта од нормалните вредности, но сè уште не доволно високи за да бидат дијагностицирани како дијабетес. Пациентите со дијабетес речиси секогаш поминале низ период на предијабетес, најчесто без да забележат некаква промена. Ризик-факторите за појава на предијабетес, во основа, се идентични како и факторите за дијабетес. Тука спаѓаат возраст над 45 години, позитивна семејна историја за дијабетес, покачена телесна тежина (пратена со хиперинсулинемија или инсулинска резистенција), присутен метаболен синдром (покачен крвен притисок, покачен холестерол и телесна тежина), физичка неактивност и сл.

Симптомите може, но и не мора да бидат присутни. Најчесто се јавуваат симптоми како кај дијабетесот, сува уста, жед, често мокрење, зголемено внесување храна и сл., а може да се јави и некоја од компликациите што се јавуваат кај дијабетесот.

Предијабетесот се манифестира во две состојби – нарушена гликемија на гладно и нарушена глукозна толеранција. Нарушената гликемија на гладно се дијагностицира со евидентирани покачени гликемиски вредности на гладно со уреден наод на оралниот глукоза толеранс тест, додека кај нарушената глукозна толеранција имаме повисоки вредности од нормалата во вториот час при оралниот глукоза толеранс тест, но сепак пониски од 11.1 mmol/l. Некои пациенти може да ги имаат и двете состојби во исто време.

За дијагноза се користат следните критериуми: измерена гликемија на гладно од 5.6 mmol/l – 6.9mmol/l, вредност на гликолизиран хемоглобин ХбА1ц 5.7% – 6.4% и вредност на гликемија измерена во вториот час при орален глукоза толеранс тест од 7.8 mmol/l – 11.1 mmol/l.

Најчесто префиксот „пре“ во називот на предијабетес дава потценувачки ефект и смисла на целокупното значење на оваа состојба што се прифаќа доста несериозно, па дури и се заборава дека воопшто постои. Треба да се знае дека во оваа фаза веќе започнува процесот на оштета на малите крвни садови на срцето, очите, мозокот, бубрезите. Според Американската асоцијација за дијабетес, овие пациенти имаат постојан ризик да развијат дијабетес тип 2 (25-40% ризик во наредните 5 години) и зголемен ризик од кардиоваскуларна болест.

Добрата вест е што оваа состојба може целосно да се повлече и организмот да се врати во здрава хомеостаза или во наjмала рака да се одложи појавата на дијабетес за подолг рок.

Со намалување за 5-7% од вкупната телесна тежина и редовна умерена физичка активност (30 минути дневно во тек на 5 дена од неделата) ризикот за појава на дијабетес значително се намалува, а состојбата на предијабетес се повлекува.

Во Клиниката Жан Митрев стоиме на располагање за навремено да го дијагностицираме предијабетесот и правилно да интервенираме, за што поскоро да се вратиме на вистинскиот здрав пат.

Д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог

ПР/Комерцијален текст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот