Совети од Клиника „Жан Митрев“: Алергиски ринитис кај деца

Фото: Промо

Алергискиот ринитис влијае врз социјалниот живот, спиењето, училиштето и работата што всушност резултира со зголемување на трошоците за негово менаџирање.

Алергискиот ринитис е всушност најчестиот облик на алергиска реакција – алергија. Претставува воспалителна реакција предизвикана најчесто од инхалаторни, но и од нутритивни алергени, а може да даде различни симптоми. Тие варираат, но доминантни манифестации се: чешање и црвенило на носот и на очите, зачестено кивање, затнатост на носот, или течење водникав секрет, сува надразнителна кашлица, грепкање во грлото. Кај децата може да се јави во повремена и во постојана форма, односно да биде сезонски или целогодишен. Во однос на тежината на симптомите може да биде во лесна или во тешка форма.

Кому да се обратите за справување со алергискиот ринитис на детето?

Алергиски ринитис е една од најчестите состојби за кои луѓето посетуваат специјалист оториноларинголог. Децата со горнореспираторни инфекции и алергиски ринитис ги прегледува оториноларинголог, кој поставува дијагноза и потоа врши контроли. Алергискиот ринитис е состојба што доколку е несоодветно контролирана, може да влијае врз целокупниот живот и развој на детето. Децата може да ‘рчат ноќно време, да немаат добар сон, што потоа резултира со тешко будење наутро, поспаност во текот на денот, намалена концентрација во училиште и немање доволно енергија за физички активности.

Долго време се мислело дека децата помлади од две години не можат да развијат алергија затоа што нивниот имун систем не е доволно развиен. Но, денес веќе е докажано дека и тукушто родени деца можат да направат алергиска реакција на вообичаени алергени какви што се прашина, грини, влакна од домашни миленици куче и маче или, пак, алергија на храна. Кога организмот ќе препознае некој од алергените како туѓо тело, тогаш започнува со имунолошка реакција против него.

Како се дијагностицира алергиски ринитис?

Дијагнозата се поставува со ендоскопски преглед на носот при што се визуализира слузокожата внатре. При алергиски ринитис таа е бледа, отечена, прекриена со проѕирен, сјаен, водникав секрет. Честопати таа може да биде и сува. Носните школки се зголемени, отечени и најчесто целосно ја затвораат носната празнина и дишењето е компромитирано, нарушено. Се прави и брис, а во земениот примерок често се присутни големи количини еозинофили. Се прават и алерго-тестови од нутритивен и инхалаторен панел, кои се од витално значење за типот на алергенот што ја предизвикува алергијата. Меѓу другите тестови може да се направи назален тест со директно капнување алерген, елиминациски тест на нутритивни алергени или тест за протеинска рамнотежа – повишени вредности на гама глобулини – алергија, бета глобулини – инфламација.

Како се лекува и контролира алергиски ринитис?

За да ги ублажиме симптомите на алергиски ринитис, тој треба да се дијагностицира правилно и навремено, а потоа да биде одреден соодветен пристап во однос на третманот и негово менаџирање. Според АРИА (Асоцијација за алергиски ринитис и астма), може е да бидат преземени следните чекори:

– Избегнување или намалување контакт со инкриминираниот алерген.
– Хигиена на носната слузница – со физиолошки раствор, секое утро и вечер.
– Примање медикаментозна терапија, која може да биде системска и/или тописка. Системската опфаќа антихистаминици од втора генерација, инхибитори на левкотриенски рецептори. Додека, пак, тописка опфаќа деконгестиви во форма на солени раствори, тописки кортикостероиди, тописки антихистаминици, комбинирани спрејови, тописки кромони, тописки холинергици.
– Специфична имунотерапија СИТ.
– Обука на пациентот за самоконтрола на алергискиот ринитис.
– Хируршки третман.

Најдобар совет е секој пациент поединечно да биде вклучен во контролирањето на сопствената алергија и алергиски ринитис, односно да се свесни и да ја разбираат својата состојба и да се обидат сами да ја поправат со советите дадени од нивните лекари. Во случај кога имаат потреба, да побараат совет од нив.

Во Клиника „Жан Митрев“ д-р Данчо Шурков, специјалист оториноларинголог, ќе ви помогне во справување со алергискиот ринитис и со сите други состојби поврзани со уво, нос и грло. За да закажете преглед, јавете се во нашиот контакт центар на 02/3091-484.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот