Совет на Европа вети заштита на новинарите и на слободата на изразување

57134905 - group of journalists interviewing politician, holding microphones and voice recorders

Министрите на 47 земји-членки на Советот на Европа (СЕ) вчера се согласија да бараат нови прописи за заштита на слободата на изразување на интернет и на другите медиуми, во услови на зголемена загриженост дека вештачката интелигенција може да се користи за сузбивање на правата.

Министрите задолжени за медиуми и информатичко општество побараа од СЕ, најголемата организација за заштита на човековите права во Европа, да помогне во изготвување на национални акциски планови за заштита на новинарите чија безбедност е загрозена.

Вчера на крајот од дводневната конференција во Никозија, што беше во организација на СЕ и Владата на Кипар, усвоен е документ со кој се залагаат за нови прописи со кои ќе се регулира заштитата на новинарите и медиумите.

Министрите се согласија да развијат регулаторна рамка што ќе обезбеди автоматските алатки за создавање и дистрибуција на вести да не го намалуваат правото на слобода на изразување.

Тие најавија соработка со програмерите на технологијата за вештачка интелигенција, дизајнирана да креира и дистрибуира содржини преку интернет, да издготват правила за заштита на слободното изразување.

Додека новинарите ќе бидат поканети заеднички да развиваат етички кодекси кои промовираат „транспарентна и одговорна” употреба на вештачка интелигенција во редакцијата и да ги заштитат луѓето преку интернет од експлоатација на лични податоци.

Министрите се обврзаа дека ќе ги поддржат независните медиуми како одбрана од дезинформациите и го повикаа СЕ да ги заостри стандардите за содржината на интернет.

Тие ја истакнаа својата посветеност да ги отстранат „сите пречки за слободата на изразување” за време на пандемијата со ковид-19.

Видео на денот