Совет на Европа: Насилството врз жените е закана за нивните слобода и права

Profimedia семејно насилство
Партнерско насилство. / Фото: Profimedia

Насилството врз жените е голема закана за нивната слобода и права, вклучително и онлајн насилството и кибернетичкиот криминал, а постојат алатки за борба против него, како што е Истанбулската конвенција, но треба да се направи многу повеќе за да се подобри ситуацијата, порача денеска Советот на Европа.

По повод Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените – 25 ноември, генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ и италијанската министерка за еднакви можности и семејство Елена Бонети, во име на италијанското претседателство со Комитетот на министри при Советот на Европа, повикаа на посилна борба против насилство врз жените, потсетувајќи дека оваа година се одбележува десетгодишнина од потпишувањето на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство.

Статистиката на ОН покажува дека околу 736 милиони жени во светот, речиси секоја трета, доживеале насилство од нивните интимни партнери, сексуално насилство од мажи кои не се нивни партнери или и двете барем еднаш во животот. Овие податоци не вклучуваат сексуално вознемирување и форми на насилство како што се следење, принудни бракови или осакатување на гениталиите.

– Истанбулската конвенција е најнапредниот меѓународен инструмент кој го имаат европските држави и нејзината целосна имплементација е најефективниот начин за борба за женските права. Конвенцијата има јасни цели: го спречува насилството врз жените, ги штити жртвите и обезбедува прогон на сторителите. Не само што поттикнува интегрирани политики, туку и криминализира одредени дела како што се следењето, принудните бракови и осакатувањето на гениталиите. Онаму каде што е имплементирана, таа функционира и овозможува позитивни промени во националните закони, се наведува во заедничката изјава на двете високи претставнички, апелирајќи до државите кои сè уште не го сториле тоа, да го потпишат и ратификуваат.

Имајќи предвид дека е забележан драматичен пораст на насилство врз жените и семејно насилство за време на заклучувањето поради пандемијата на коронавирусот, Советот на Европа порача дека вклученоста на жените на пазарот на трудот, услугите за семејна помош и промовирањето на лидерството кај жените во економијата и општеството, мораат да биде приоритет.

– Јакнењето на жените е од суштинско значење за спречување на насилството врз жените, вклучително и „економското насилство””, се вели во изјавата, додавајќи дека исто така е важно да се поттикне усогласување на работата и приватниот живот, така што жените нема да треба да избираат меѓу семејството и работата.

Во соопштението, исто така, се повикува и на имплементација на новите насоки на Експертската група при Советот на Европа за борба против насилство врз жените и семејното насилство (ГРЕВИО), која вчера ја издаде првата општа препорака за „дигиталната димензија на насилството врз жените”.

Препораката вклучува онлајн насилство врз жените, како што се споделување понижувачки снимки, навреди и закани со смрт и силување и кибер криминал.

Препораката, меѓу другото, повикува да се спречат насилниците да ги контролираат банкарските сметки и финансиските активности на жените преку интернет банкарството и се повикува на унапредување на дигиталната писменост.

ВИДЕО | Димова: Дури 67 отсто од девојките во руралните средини се невработени, ние сакаме да им помогнеме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот