Совет на Европа: Медиумите во Србија да ја подигаат свеста за македонскиот јазик

Совет на Европа/ Фото: Слободен печат

Македонскиот е еден од јазиците на малцинствата во Србија според Европската повелба за регионални и малцински јазици. Во последниот извештај на Советот на Европа објавен денеска, се наведува дека македонскиот јазик во Србија се изучува како изборен предмет „Македонски јазик со елементи на национална култура“ во основното образование и тоа два часа неделно. Но, македонскиот јазик го нема во предучилишното или во средното образование.

Според извештајот на Советот на Европа, македонскиот јазик, меѓу другото, може да се изучува на универзитетите во Белград и во Ниш. Во текстот исто така стои дека, како и во претходните циклуси на мониторинг, Комитетот на експерти и овој пат не добил од Србија доволно прецизни информации за тоа како властите го унапредуваат подигањето на свеста за македонскиот јазик во меинстрим образованието и во медиумите. Недоволните информации, според експертите значи дека Србија не ја исполнила точката која предвидува унапредување на меѓусебното разбирање меѓу сите јазични групи во земјата, потоа унапредување на почитувањето, разбирањето и толеранцијата во однос на македонскиот јазик како една од целите на образованието и обуките, како и охрабрување на медиумите да вклучат почитување, разбирање и толеранција во однос на македонскиот јазик.

Што се однесува до неговата употреба во Србија, се наведува дека и јавната и неколку локални телевизии и радио станици емитуваат програми на македонски јазик. Освен тоа, со поддршка од властите, македонското малцинство организира серија културни активности на македонски јазик, како што се на пример Денови на македонската кулутра и Денови на македонската креативност во Србија. Дополнително, српските власти поддржале неколку преводи на литературни дела на македонски јазик.

Сепак, Советот на Европа излегува со неколку препораки како да се заштити и унапреди употребата на македонскиот јазик во Србија. Притоа се преорачува итно да се размисли за примена на образовен модел кој обезбедува познавање на македонскиот јазик, во соработка со оние кои го говорат.

Останатите препораки се за вклучување содржини за македонскиот јазик и култура во наставните програми, обуката на наставниците и едукативните материјали во редовното образование и за поттикнување на медиумите да ја подигнат свеста за тоа при известувањето и обуката на новинарите.

Освен тоа, се препорачува поттикнување на воведувањето на македонскиот јазик во локалната официјална употреба во централна Србија за да се олесни примената на Повелбата.

Исто така, Комитетот на експерти на Советот на Европа препорачува во Србија да се обезбедат услови што ќе им овозможат на лицата кои не го зборуваат македонскиот јазик, вклучително и возрасните, да го научат, како и да се промовiраат прекугранични размени, во областите опфатени со Повелбата, за доброто на македонскиот јазик.

Европската повелба за регионални и малцински јазици влезе во сила во Србија во 2006 година и се однесува на ллбанскиот, босанскиот, бугарскиот, јазикот буњевац, хрватскиот, чешкиот, германскиот, унгарскиот, македонскиот, ромскиот, романскиот, рутенскиот, словачкиот, украинскиот и влашкиот јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот