Совет на Европа изразува жалење што Русија ги користи правата на малцинствата како изговор за инвазијата врз Украина

Советодавниот комитет за Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства (РКНМ), најостро ја осуди агресијата на Руската Федерација против Украина и „жали што руските власти користат прашања за правата на малцинствата како изговор за инвазијата”. Комитетот е длабоко загрижен за влошувањето на ситуацијата за меѓуетничките односи во Украина.

Во соопштението за печатот на Комитетот,  усвоена на пленарната седница се изразува згрозеност од загубата на животи и човечките страдања предизвикани од војната, што ги погодуваат и лицата кои припаѓаат на националните малцинства во областите погодени од војната, внатрешно раселените лица и бегалците.

„Украина е мултиетничка земја, а најуништените региони на истокот и југот на Украина се дом на многу национални малцинства”, забележа Советодавниот комитет, придружувајќи му се на генералниот секретар на Советот на Европа во осудата на варварското насилство врз жените и децата.

„Советодавниот комитет е длабоко загрижен што војната ја влоши ситуацијата во Украина за меѓуетничките односи, продлабочувајќи ја недовербата меѓу лицата кои се идентификуваат како етнички Руси и мнозинското население. Ова ќе има влијание и врз оние лица кои се идентификуваат со други национални малцинства или како Украинци, но го користат рускиот како главен јазик на комуникација”, се вели во соопштението.

Агресијата не само што ги прекршува обврските на Русија според Статутот на Советот на Европа, туку е во спротивност со принципите на Рамковната конвенција и оваа контрадикција „не може да биде поостра”, нагласува Комитетот. Според Рамковната конвенција, заштитата на националните малцинства е составен дел од меѓународната заштита на човекот, а одредбите од Конвенцијата „ќе се применуваат со добра волја, во дух на разбирање и толеранција и во согласност со принципите на добрососедство, пријателски односи и соработка меѓу државите”.

Како последица на агресијата, Руската Федерација беше исклучена од Советот на Европа. Имајќи предвид дека Рамковната конвенција е отворена за земји кои не се членки, Руската Федерација останува договорна страна на оваа конвенција и, следствено, е обврзана со своите обврски и предмет на нејзината процедура за следење. Во овој контекст и околностите што го дозволуваат, Советодавниот комитет ќе продолжи внимателно да ги следи последиците од овие случувања врз лицата кои припаѓаат на националните малцинства во Руската Федерација

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот