Состојба со коронавирусот до 10 часот

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 220.313 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 8.983, а оздравеле 85.769.

– Австралија и Нов Зеланд ги затворија своите граници за странци. -Повеќето случаи на заразени во Австралија се регистрирани кај дојденци однавор, изјави премиерот Скот Морисон, додека неговата новозеландска колешка Џасинда Ардерн изјави дека нема да толерира „ризик на границите” .

-Португалија прогласи вонредна состојба и состојба на „вистинска војна” против коронавирусот.  Претседателот Марсело Ребело де Соса вчера прогласи вонредна состојба – за прв пат откако земјата стана демократија во 1974 година – како одговор на пандемијата на коронавирус.

-Возрасна, 79-годишна жена, која имала потврден коронавирус починала во болница во Москва, што е првиот смртен случај во Русија од заразата Ковид-19, соопштија денеска од Оперативниот штаб за контрола и мониторинг на ситуацијата со епидемијата во руската престолнина. Штабот потенцира дека пациентката имала редица хронични заболувања.

– Бројот на нови инфекции со коронавирусот во Јужна Кореја веќе трет ден по ред бележи зголемување и денеска се регистрирани 152 нови случаи, наведува Центарот  за контрола и спречување на болести. Починаа уште седум заразени лица, со што бројот на умрени сега изнесува 91. Инфекцијата досега во земјата зафатила вкупно 8.565 лица.

-Хонгконгшките власти во 14-дневен задолжителен карантин ќе ги ставаат сите патници што ќе пристигнат од странство во градот, било да се домашни жители или странци.

-Во Бугарија утрово е регистрирана третата жртва на коорнавирусот, жена на 80-годишна возраст која имала и мозочен удар и зараза, соопшти шефот на Оперативниот штаб, генерал Мутафчиски. Во текот на последните 24 часа во земјата се регистрирани 13 нови случаи на зараза со што вкупниот број сега изнесува 94 заразени.

– Австриската покраина Тирол е жариштето на коорнавирусот во земјата бидејќи секој втор заразен доаѓа од неа. Од тие причини сите 279 општини во Тирол од полноќ се ставени во карантин, а претседателот на покраината Гинтер Платер за прв пат од појавата на епидемијата призна дека можеби и има грешки во нивното постапување. Инаку во Автрија од ноќеска е регистриран нов скок на заразени за 200 лица, со што вкупниот број заразени сега изнесува 1.843

-Во Србија ноќеска се регистрирани нови осум случаи со што вкупниот број на заразени со Ковид-19 сега изнесува 97,  соошти Министерството за здравство.

– Во Црна Гора вчера се потврдени уште шест нови случаи на новиот коронавирус, со што бројот на заразени се искачи на осум.

-Приоритет на Владата на Малта е во време на криза да ги заштити работните места на своите државјани и сите странци кои ќе добијат отказ или останат без работа, ќе бидат депортирани, најави министерот за економија Силвио Шембри.

-Италијанската Влада ја разгледува можноста за воведување на построга забрана за движење откако податоците на телекомуникациските компании покажаа дека преголем број се движат. – Во Ломбардија, регионот најпогоден од епидемијата со Ковид-19, 40 проценти од луѓето се движаат наоколу, изјави вчера регионалниот претставник на Министерството за здравство, Џулио Галера.

-Од денеска на пладне и во следните две недели во Франција е забрането слободното движење. -Потребни се најмалку две недели да се блокира прогресијата на вирусот, изјави  францускиот министер за внатрешни работи Оливие Веран.

-Светската здравствена организација (СЗО) го координира тестирањето на неколку можни лекови за Ковид-19, изјави директорот на организацијата Тедрос Адханом Геберејсус

-Бројот на жртвите од новиот коронавирус во Кина во изминатото деноноќие се зголеми за осум лица, а бројот на заразени за 34, но други 819 лица успеале да се излекуваат, јави доцна синоќа  кинескиот Државен комитет за хигиена и здравје. Освен тоа, ниту еден од новите случаи не е од градот Вухан, што беше епицентарот на епидемијата во земјата.

-Маурициус ги потврди првите три случи на коронавирус, соопшти денеска владата на оваа островска земја во Индиски океан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот