Состанок на Конституенцата на ММФ и СБ во Скопје

Економските политики и програмите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ), како и други клучни економски прашања за европската и светската економија ќе бидат теми на состанокот на Конституенцата на ММФ и Групацијата на СБ во која членува нашата земја, што денеска ќе се одржи во Скопје.

Организатори на состанокот се Министерството за финансии и Народната банка, а ќе учествуваат високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите-членки на Конституенцата, како и угледни меѓународни експерти. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ќе ги поздрави учесниците на форумот, а обраќања ќе имаат и министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска, директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конституенца, Антони де Ланој и Кун Дависе, како и потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.

Состанокот, како што се наведува, претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани што се на високо експертско ниво.

На состанокот на Конституенцата ќе учествуваат и директорот на Одделот за фискални работи во ММФ, Виктор Гашпар, директорот на Одделот на ММФ за Европа, Пол Томсен, потпретседателката на Групацијата на СБ за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија Георгина Бејкер, кои се само дел од претставниците на двете меѓународни финансиски институции што доаѓаат во Скопје.

Потврдено е учество на 10 гувернери на централни банки и четврорица министри за финансии, а како главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите е истакнатиот професор Луиџи Зингалез од Чикашкиот универзитет.

Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека ова е најголем настан во областа на финансиите во последната декада, а присуството на високите гости е потврда за угледот што го уживаат Министерството за финансии и Владата, за прогресот на реформите во јавните финансии и истовремено е доказ за вистинската насока во која се движи нашата држава.

На состанокот во рамки на основната тема „Како до поправеден систем за сите”, ќе се разговара за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите што го предизвикуваат овој тренд, долгорочните и краткорочните последици од тоа врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството и инструментите и политиките што им стојат на располагање на носителите на политиките.

Притоа, како што соопшти гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, посебен акцент ќе биде ставен на политиките за промовирање поголема конкуренција, ефективно користење на фискалната политика за редистрибутивни цели, подобрување на управувањето во сферата на финансискиот сектор и на инвестициите во човечки капитал.

Предвидено е, покрај дискусиите што ќе се водат заеднички меѓу сите учесници на настанот, во рамки на состанокот во Скопје да се одржат и повеќе билатерални средби и разговори меѓу претставниците на ММФ и СБ и на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца.

Во рамки на состанокот вчера во Министерството за финансии ресорниот министер Тевдовски и потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Милер ја презентираа Стратегијата за соработка меѓу Светска банка и Република Северна Македонија во вкупен износ од 420 милиони евра

Покрај тоа беше потпишан и Меморандум за соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за поврзување на домашните компании со странски, кој е дел од четиригодишната Стратегија за партнерство на земјава со Светска банка. Меморандумот го потпишаа потпретседателката на ИФЦ во групацијата на Светска банка Георгина Бејкер, министерот Тевдовски и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада. Проектот е финансиран од СЕКО.

-Ова партнерство ќе помогне Северна Македонија да стане поатрактивна дестинација за странските производители и ќе го охрабри развојот на локалните производители, министерот за финансии Тевдовски.

Како дел од годишните средби на Конституенцата, на Економскиот факултет во Скопје пред студентите одржаа предавања Антони де Ланој извршен директор на ММФ и Кун Дависе извршен директор на Светска банка.

Во Холандско-белгиската конституенца, покрај Холандија, Белгија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот