Соседско дерби во СРЦ „Кале“ за почеток на кошаркарскиот шампионат

Поради евро-обврските на Работнички и Феникс 2010, новиот шампионат ќе започне неколку дена порано од предвиденото. По Суперкупот, на ред е и она официјално „отворање“ на првенствената сезона, вкупно 32. во историјата на македонската клупска кошарка.
Првиот натпревар од новата сезоната 2023/2024 ќе се игра денеска од 18.00 часот во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје во кој Работнички ја пречекува екипата на ТФТ, во едно класично „соседско дерби“.
„Реновираниот“ Работнички има голем број на нови играчи, последниот од нив, репрезентативецот Кристијан Николов, кој ја засили бековската линија во која како нови лица се и Бобан Стајиќ, Американецот и Дмитрик Трајс, а од „староседелците“, тука е и младиот репрезентативец, Андреј Шошкиќ, Филип Бакоч, Леонид Тодоровски, Ѓорѓе Џелетовиќ. Тука се и Роберт Рикиќ, Квентон Декоузи, како и уште еден репрезентативен двоец, Виктор Ефремовски и Стојан Ѓуроски, кои ќе ги пополнат надворешните позиции.
Еден час подоцна (19.00), следува дуелот во салата „Шабан Трстена“, во кој екипата на Чаир 2030 го пречекува составот на Феникс 2010. Одлична можност за љубителите на кошарката во Чаир да проследат еден возбудлив меч во кој и на двете страни од теренот ќе се појават доста нови имиња.
Прва македонска кошаркарска лига 2023/2024
Двојки, прво коло
Денеска
18.00 часот: Работнички – ТФТ
19.00 часот: Чаир 2030 – Феникс 2010
30 септември (сабота)
18.00 часот: Вардар – Охрид
18.00 часот: Кожув – МЗТ Скопје Аеродром
1 октомври (недела)
18.00 часот: Гостивар – Пелистер
18.00 часот: Академија ФМП – Еуро Никел 2005