Соседски апетити за бисерот балкански

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Денеска и по речиси осум децении од создавањето на македонската држава, но и од осуетувањето на бугарско-српските големи мечти, интересот за потчинување на Македонија под плаштот на интересите на соседните земји не престанува.

Поранешниот претседател и премиер на нашиот западен сосед Албанија, коментирајќи ја оставката на македонскиот премиер кажа луцидна констатација, која во моите колумни за историско-правното минато и политичкото наследство на нашата Македонија многупати сум ја кажал. Имено, Сали Бериша потенцираше дека нашата земја е во клинч на Бугарија и Србија, односно нашиот северен сосед и ден-денес нè гледа како „јужна  бановина“, алудирајќи дека Македонија е создадена како држава да се спречи создавањето на голема Бугарија или голема Србија. Алелуја!

Честопати сум велел, низ вековите кога се создавале националните држави околу нас (Грција, Бугарија, Србија) ние сме го преспале тој најважен и најзначаен историски временски теснец низ кој сме требале да се „протнеме“ и да излеземе како државноправна територијална единица, вцртана во картата на светот. Но, не, Македонија низ целиот деветнаесетти век и првата половина на дваесеттиот век беше поимувана како историско-географска единица во која живеат соседните балкански народи и на која големите сили „не можеа да ѝ го најдат крајот“. За жал, нашиот крај беше на зелената маса во романскиот главен град Букурешт во веќе далечната 1913 година.

Големите сили ја создадоа македонската држава!

Тогаш, како се создаде македонската држава? Големите сили ја создадоа македонската држава!

Ако ги погледнеме американското, британското, но и советското (СССР) знаме на првото заседание на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчињски“, можеме да извадиме заклучок дека зад државноста на Македонија стоеле надворешнополитичките интереси на тогаш најмоќните земји на планетата Земја, односно го „одобриле“ конституирањето на македонската држава во рамките на СФР Југославија. Од памтивек, во меѓународната сфера на односите меѓу државите функционирало правилото за дејствување наметнато од помоќните. Така, во тој дваесетти век, без исклучок и создавањето на македонската државноправничка заедница, макар како составен дел од една поширока федерација, бил „аминуван“ од големите сили.

Точно, македонските партизани, обичното население, цивилите, дале несомнени и неизбришливи жртви, со својот живот, за да се изборат за националната и за социјалната слобода на Македонија, но да не се лажеме и да не бидеме наивни, без одобрувањето на најмоќните држави тогаш, а и денеска, македонска држава немаше да има. Македонија е сложена равенка на Балканот, кажал некогаш „таткото“ на македонската држава, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Или, во превод, нејзиниот пат до државотворност не беше нималку лесен ниту пак „нормален“. Секојпат таа беше гледана и перципирана како историски регион на кој „имаа и полагаа право“ најмногу Бугарија, потоа Грција и Србија, секоја од свои перцептивно национално-историски согледби. Тоа странските дипломатии и го знаеја и го разбираа, како-така, но етничко-територијалната распределба на Македонија по Букурешкиот мировен договор не ги остави мирни духовите на Балканот.

Бугарите се секогаш на погрешната страна на историјата!

Земјата, која најмногу ја посакуваше Македонија во својот државен состав, на крајот доби најмалку од „колачот“ наречен македонска земја на зелената маса во романскиот главен град. Оттука почнуваа сите понатамошни војни и проблеми во овој (јужен) дел на Балканскиот Полуостров. Поголемиот дел од Македонија потпадна под Кралството Србија, со најголемата бугарска историско-духовна желба – Охрид (старата престолнина на средновековна Бугарија) и Бугарите никако не можеа да се помират со тој факт.

Втората балканска, но и Првата светска, како и Втората светска војна беа водени од Бугарија за исправање на „историската неправда“ и за припојување на Македонија во државните граници на Бугарија. Се разбира, тоа никогаш не се случи, но великите сили ги знаеја овие констелации и конјунктури на балканскиот зовриен лонец, та затоа по завршувањето на Втората светска војна го дозволија и го поттикнаа создавањето на македонската држава за првпат во историјата на постоењето на меѓународно правно уредените односи меѓу државите. Како најдобар одговор на апетитите на Бугарија за „повампирување“ на санстефанскиот великобугарски сон, но и за создавање голема Србија, како реализирање на средновековниот големосрпски сон.

За жал, денеска и по речиси осум децении од создавањето на македонската држава, но и од осуетувањето на бугарско-српските големи мечти, интересот за потчинување на Македонија под плаштот на интересите на соседните земји, не престанува. Дали е тоа реминисценција од нашето трагично и траорно минато или пак патолошка опсесија на нашите соседи со нашето историско, културолошко, национално, духовно и јазично наследство не знам! Едно знам, држава која на овој начин ја изборила и ја извојувала својата независност и држава, која и денеска се соочува со апсурдни и ненормални проблеми во нејзиниот државно-развоен прогрес, мора многу мудро, луцидно и претпазливо да ги влече чекорите во надворешната политика. Досегашните ни покажаа дека спротивно се однесувавме на овие мои заклучоци. Имаме уште некои минимални шанси да се поправиме. Додека не биде засекогаш доцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот