Соседите на Белорусија предупредуваат: Кризата со мигрантите може да прерасне во војна

Мигранти на белоруско-полската грани
Мигрантите оставени сами на себе на белоруско-полската граница/Фото: EPA-EFE/STRINGER

И Украина најави дека на својата граница со Белорусија ќе распореди 8.500 војници и полицајци за да ја засилат безбедноста

Членките на Европската Унија што се граничат со Белорусија предупредија дека хуманитарната криза со стотиците мигранти во меѓуграничниот простор лесно може да ескалира во воен судир помеѓу земјите. Украина, пак, најави дека на својата граница со Белорусија ќе распореди неколку илјади војници за да ја засилат безбедноста.

Балтичките членки на ЕУ – Литванија, Естонија и Летонија, ги обвинуваат белоруските власти дека намерно го разгоруваат „хибридниот напад“ врз Европа, користејќи ги мигрантите како оружје за одмазда поради санкциите што Брисел ги воведе за раководството во Минск.

– Ова ја зголемува можноста од провокации и сериозни инциденти што може да се прелеат во воениот домен – објавија во заедничка изјава министрите за одбрана на Литванија, Летонија и Естонија.

И Полска пред два дена предупреди дека Белорусија настојува да испровоцира користење оружје за да се реши кризата со мигрантите.

Украина, пак, која не е членка на Европската Унија, најави дека ќе испрати уште 8.500 војници и полициски офицери на својата северна граница со Белорусија, како и вежби на пограничните сили.

Русија, пак, единствениот сојузник на Минск во регионот, и денеска, како и вчера, испрати два стратегиски бомбардери да патролираат во белорускиот воздушен простор, како израз дека цврсто ќе го поддржува својот сосед во спорот со Европската Унија.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, предупреди дека покрај заострувањето на санкциите за белорускиот претседател Александар Лукашенко и неговите најблиски соработници, во Брисел се разгледува и можноста за целосно затворање на границата со Белорусија.

Лукашенко возвраќа со закана дека ќе возврати на санкциите и критиките со разни акции, не исклучувајќи ја и можноста за запирање на гасот што од Русија преку неговата земја оди до Европа. Тој ѝ се заблагодари на Москва за поддршката и ѝ се закани на Европа дека руските бомбардери може да носат и нуклеарни бомби.

Лукашенко изјави дека „имало обиди за доставување оружје до мигрантите, со цел да се испровоцира инцидент“, но не кажа кој се обидел да го достави оружјето ниту понуди какви било докази.

Додека Европа и Минск го засилуваат меѓусебниот притисок, продолжуваат страдањата на стотиците мигранти блокирани во меѓуграничниот простор, на кои Европа не им ја отвора вратата, а Белорусија не ги пушта назад. Претставничката на полската погранична служба, Евелина Шчепанска, изјави дека вчера имало 468 обиди за илегално преминувања на границата и сите биле спречени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот