Сопствениците на парцелите бараат кат повеќе, не зеленило

Плоштад „Македонија“ во Скопје
Плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

При спроведување јавна анкета за некој Детален урбанистички план, заинтересираните граѓани најчесто поднесуваат анкетни листови во кои бараат зголемување на површината за градба или поголема катност. Од скопските општини тврдат дека е незначителен процентот на  поднесените барања за пренамена на некоја парцела, која била предвидена за изградба на објект за домување, во зелена површина. Таквите реакции до локалните власти стигнуваат отпосле, откако е донесен планот.

Сопствениците на парцелите не се откажуваат од стекнатите права во врска со површините за градење и покрај тоа што понекогаш јавноста реагира, дури и со протести, во обид да ги сочува малкуте зелени површини низ градот и да ја спречи прекумерната изградба на згради.

– При јавна анкета на одреден Детален урбанистички план, барањата на анкетните листови на граѓаните најчесто се однесуваат на зголемување на површината за градба, катноста, зголемување на развиената површина за градба, решавање на одредени недоразбирања со соседите и слично. Вкупниот процент на поднесени барања со кои се бара пренамена на некоја парцела од домување во зеленило е многу мал, речиси незначителен. Реакциите за зеленило до општината најчесто пристигнуваат отпосле – велат од Општина Центар.

Слични барања додека трае јавна анкета за некој ДУП стигнуваат и до Општина Карпош. И таму  забелешките најчесто се однесуваат за корекции на технички грешки, за границите меѓу соседни градежни парцели, меѓи и слично, но има и случаи кога се поднесуваат барања за зголемување на катноста, дозволената висина, промена на намена.

-Што се однесува до зеленилото, вообичаено е сопствениците на парцелите да се трудат да ги задржат стекнатите права во однос на површината на градење, а емпириски, обратни барања, во поглед на зголемување на зеленилото на сметка на површината на градба во сопствена парцела, не сме забележале. Затоа пак Општина Карпош инсистира на зачувување на постојните јавни зелени површини и нивно зголемување, секаде каде што е можно – објаснуваат од Карпош.

Од општините тврдат дека сите Детални урбанистички планови се носат транспарентно и со почитување на законската процедура, но заинтересираноста на граѓаните да доставуваат забелешки и барања за корекции зависи од бројот на населението во одредена градска четврт и од можностите да се интервенира во предложениот план.

-Заинтересираноста за присуство на јавна презентација е значајна, граѓаните доаѓаат на презентациите и дискутираат со колегите од Секторот за урбанистичко планирање на Општина Центар и планерите од планерските куќи кои ги работат предлог ДУП-овите. Доколку е потребно, граѓаните имаат можност да побараат и остварат и посебна средба со градоначалникот Саша Богдановиќ, во зависност од нивните потреби и барања наспроти можностите на општината во врска со одреден ДУП – објаснуваат од Центар.

Во Општина Карпош, како што велат оттаму,  поради зголемена транспарентност, освен по урбаните и месните заедници, нацрт ДУП-овите се ставаат и на огласна табла на интернет страницата на општината, со графички приказ и со текстуално образложение што содржи тој и што ќе донесе од урбанистички аспект. Граѓаните кои имаат свои забелешки и барања можат и од дома да го испечатат анкетниот лист кој е приложен на веб сајтот и да го достават до Општината.

Од Општина Ѓорче Петров исто така постојано укажуваат дека плановите се носат транспарентн и дека граѓаните, додека трае јавната анкета ги доставуваат своите барања. Во однос на ДУП СЗ 16, кој го опфаќа просторот кај кружниот тек и кај пазарчето во Ѓорче, за кој неодамна  Иницијативата против урбано дивеење, ја обвини локалната власт за нетранспарентна постапка во која жителите немале можност да поднесат анкетни листови и побара ревидирање на плановите во кои се вцртани висококатници, од локалната власт тврдат дека тоа не е точно.

-Во текот на јавната анкета поднесени се 20 анкетни листови, а на јавната презентација присуствуваа повеќе од 20 заинтересирани граѓани и претставници на инволвирани институции и органи. Посочуваме дека од заинтересираните граѓани: сопственици на земјиште и градби во рамките на четвртта, поднесени се 11 анкетни листови, од кои дури 10 се барања за предвидување на поголеми површини за градење со намена А2 – Домување во станбени згради и предвидување на поголеми височини за градење – објаснуваат од Ѓорче Петров.

Но, и покрај транспарентноста во процедурата при донесување на некој ДУП, факт е дека во Скопје секој ден никнуваат нови згради, а јавно зеленило има сѐ помалку. Поради стекнатите права на сопствениците на парцелите на локалните власти им се „врзани рацете“ за да интервенираат, затоа што пренамената на приватно земјиште подразбира плаќање на големи отштети кои општините не се финансиски можни да ги покријат. Сепак, на општините им останува можноста да интервенираат во парцелите кои се предвидени на државен имот, наместо да го продаваат државното земјиште како градежна површина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот