Сопругот ја тепал, па страсно водел љубов со неа: Турбулентниот живот на најпознатата „американска девица“

Дорис Деј / Фото: Profimedia

Американската актерка и пејачка Дорис Деј почина на денешен ден во 2019 година, на 97-годишна возраст.

Доброто здравје ја служело сѐ до самиот крај, кога добила пневмонија од која не можела да се опорави. Многу генерации ќе ја паметат по нејзиното богато актерско и музичко наследство, а младите актери и пејачи ќе имаат што да научат од нејзината долгогодишна работа на големите екрани и светските сцени, пишува „Стил“.

„Сакам да се смеам. Тоа е единствениот начин да се преживее во овој свет. Уживајте во секој ден како да ви е последен затоа што имаме само еден живот“, изјави Деј своевремено.

Мери Ен Фон Капелхоф, како што гласи нејзиното вистинско име, е родена на 3 април 1922 година во Синсинати, Охајо. Нејзиниот татко Вилијам Џозеф Капелхоф бил професор по музика и диригент на хорови, па малечката Мери пораснала во дом исполнет со многу музика. Пред да се одлучи за актерската кариера, за која во тоа време многу било важно музичкото знаење, таа сакала да биде танчарка. Но, тој сон не ѝ станал реалност откако во сообраќајна несреќа ја скршила десната нога. Па, наместо да танцува, на 15 години почнала да пее во клубови и на радиостаници.

„Една година лежев речиси неподвижна, замислувајќи како еден ден ќе се качам на сцената. Тоа беше единственото нешто што ме одржуваше во живот и ми даде надеж за подобро утре. Имаше две пресвртни точки во мојот живот. Едното беше несреќата, а другото беше разводот на моите родители, поради што пораснав ненадејно“, изјавила таа во едно интервју.

Слушајќи ја како пее, мајка ѝ Алма решила дека Дорис мора да посетува часови по пеење. Таа ја најмила учителката Грејс Рејн, а по само три часа Рејн рекла дека младата Дорис има неверојатен потенцијал. Рејн била толку импресионирана од Дорис, што ѝ давала три часа неделно по цена за еден. За време на осумте месеци, додека ги посетувала часовите по пеење, младата Дорис ги имала своите први професионални музички ангажмани на радио програмата „Carlin’s Carnival“ и во локалниот ресторан „Charlie Yee’s Shanghai Inn“. Таа со своите радио настапи го привлекла вниманието на музичарот Барни Рап, кој барал пејачка и ја поканила на аудиција. На аудицијата имало околу 200 пејачи, но тој знаел дека Дорис е вистинската. Дорис во текот на кариерата секогаш нагласувала дека уште од самиот почеток имала идоли на кои се угледувала и сакала да има успешна кариера како нив.

„Во деновите кога се опоравував од несреќата, времето го поминував потпевнувајќи ги песните што ги слушнав на радио. Најмногу ми се допаѓаше гласот на Ела Фицџералд. Имаше квалитет во нејзиниот глас што ме фасцинираше. Пеев заедно со неа додека ја слушав на радио, обидувајќи се да ги фатам нејзините суптилни нијанси, опуштено и толку чисто. Ја обожавав“, изјавила Дорис во една прилика.

Фото: Jerry Tavin Collection / Everett / Profimedia

Кариерата на идната ѕвезда започнала уште пред Втората светска војна, во 1939 година. Таа тогаш настапувала како пејачка со биг бенд, а се пробила со песната „Sentimental Journey“ од 1945 година, која станала химна на американските војници бидејќи алудирала на нивното враќање дома. Таа со таа песна го освоила првото место на најслушани песни, но и срцата на слушателите. Станува збор за типична американска балада од тоа време, напишана по сите правила на тогашниот популарен свинг.

„Се чувствував како Алиса во земјата на чудата и немаше начин да го сокријам тоа. Секој пат останував без зборови кога ќе се сретнев лице в лице со ѕвезда која дотогаш ја знаев само од малите екрани“, изјавила таа.

Нејзиниот втор музички успех била песната „Que Sera, Sera (Whatever Will Be, Will Be)“ од 1956 година, од композиторот Џеј Ливингстон и текстописецот Реј Еванс, која првпат ја испеала во филмот на Алфред Хичкок – „The Man Who Knew Too Much“. Иако овој филм се смета за ремек-дело на филмската уметност, единствениот Оскар што го доби беше оној за изведбата на Дорис Деј.

Пред тој успех, таа пеела со групата „Les Brown“ речиси две години на неделната радио програма на Боб Хоуп и имала голема турнеја низ САД. Нејзината изведба на „Embraceable You“ гo импресионирала текстописецот Жил Стајн, но и неговиот партнер Семи Кан, кои ја препорачале за улога во филмот „Romance on the High Seas“ (1948). По аудицијата, таа ја добила улогата. Сосема шокирана, таа била искрена со режисерот Мајкл Куртиз и отворено му кажала дека е пејачка без актерско искуство. Тој ѝ одговорил дека му се допаѓа тоа што била искрена и дека не се плаши да го признае тоа.

„Дорис Деј беше откритие на кое сум најгорд во мојата кариера“, изјавил режисерот.

Таа била една од најпопуларните американски актерки во текот на педесеттите години и раните шеесетти години, градејќи ја јавната слика за себе како „типична девојка од соседството“, а тоа го барале режисерите од неа во секој проект. Филмовите како „Pillow Talk“, „Tea for Two“, „Love Me or Leave Me“ се само дел од филмовите по кои публиката ја памети.

Со доаѓањето на сексуалната револуција, нејзината филмска „чистота“ почнала да им пречи на многумина. Набрзо станала позната како „најстарата девица на светот“, а ја пропуштила можноста да го подобри имиџот одбивајќи ја заводливата улога на г-ѓа Робинсон во „The Graduate“, која на крајот ја добила Ен Банкрофт.

„Гледајќи се себеси во огледало, сфатив дека нема да можам да станам една од заводничките од екранот. Со бројни пеги на лицето (еден новинар изброи 1.530), големи заби и слабо тело, бев девојка со просечен изглед. Но, тогаш си реков: „Ако сакаш да траеш, треба да изградиш свој актерски имиџ, поради кој ќе добиваш ангажмани“. Решив да останам едноставна и природна девојка, бидејќи само тоа одговараше на мојот карактер“, признала таа.

Така станала единствената „невина девојка“ во Холивуд. Таа внела свежина и младост, отфрлајќи ги сите шаблони на совршенство. И додека од една страна водела невина кариера без скандали и сексуални провокации, приватно имала сè освен невин живот. Бројните мажи, браковите, но и несреќните приказни поврзани со нив, се само дел од нејзината историја.

Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Веќе на 17-годишна возраст, таа стапила во својот прв брак со тромбонистот Ал Џорден, кого првично го игнорирала. Ал бил шест години постар и, како што раскажала таа, несигурен музичар во Еванстон, Синсинати. Тој свирел во бендот каде што пеела и таа и не бил гаранција дека ќе ѝ помогне на патот кон големата кариера. Всушност, кога се пријавила на аудицијата за да биде пејачка во бендот, Дорис сакала да го шармира менаџерот Барни Рап.

Нивниот брак траел две години и бил многу турбулентен и болен. Веднаш по свадбата во 1941 година, Џорден почнал да ја тепа својата сопруга, која не била ни полнолетна. Многумина го посведочиле моментот кога тој ја претепал среде улица, штом ја видел како позира во костим за капење за насловна страница на еден весник. Ја нарекувал со погрдни имиња и ја тепал, па потоа страсно водел љубов со неа.

Дорис забременила додека била во брак и сакала да го роди тоа, но Џорден ја принудил да абортира. Нејзината мајка му се заканувала дека ќе го убие ако ја натера нејзината ќерка да го направи тоа, па Џорден тврдел дека тоа не е неговото дете. Толку ја тепал Дорис, што за малку ќе доживеала спонтан абортус. Но, таа ни тогаш не го оставила. Четири дена пред раѓањето на детето, додека биле во автомобилот ѝ вперил пиштол во стомакот и планирал да го спроведе својот план да го убие детето, а потоа и себеси. Таа успеала да го одврати од таа намера, а тој ја тепал до дома. Некако се спасила и по неколку дена го родила момчето Тери. Ал потоа заминал на патување и ѝ рекол дека не сака да бидат во нивниот дом кога ќе се врати. Мајка ѝ на Дорис им нашла стан за да се преселат, но откако Џорден повторно се појавил, Дорис му простила. Тој продолжил да ја малтретира, а Дорис ја препуштила грижата за бебето на нејзината мајка.

„Тоа беше мојата единствена желба – да се омажам и да бидам домаќинка. Никогаш не сонував да станам филмска ѕвезда или славна пејачка. Сѐ што сакав беше солиден брак“, изјавила Дорис во една прилика.

Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Таа не ја пронашала среќата ниту во вториот брак, со саксофонистот Џорџ Видлер. Таа се омажила за него во 1946 година. Дорис тогаш објавила дека ќе престане да пее и дека целосно ќе се посвети на семејството. Сепак, таа прифатила еден настап во телевизиско шоу со милионска публика, каде ја забележал филмскиот агент Ал Леви. Кога го замолила нејзиниот сопруг да им најде куќа во Лос Анџелес, тој нашол приколка во населба полна со дилери, дрога и деликвенти. Видлер не сакал да живее заедно со мајката и синот на Дорис, па актерката го замолила нејзиниот агент да ѝ најде работа во сосема друг дел на САД. Па, така, таа заминала во Њујорк, заедно со мајка ѝ и со синот, а се развела од вториот сопруг по само осум месеци брачен живот.

И покрај катастрофалните бракови, таа не ја изгубила вербата во љубовта и започнала врска со режисерот Мајкл Куртиз, кој ѝ ја дал првата филмска улога. Но, и таа врска била неуспешна и полна со бизарности. Имено, таа го изневерувала со бившиот сопруг Видлер, а потоа почнала да ги изневерува и двајцата со Леви, нејзиниот филмски агент.

„Откако му кажав на Леви дека сепак ќе имаме само деловни односи, тој не можеше да го прифати тоа, па во една прилика ме следеше до хотелот и се обиде да ме силува. Беше страшно“, раскажала Дорис.

Дорис Деј и Мартин Мелхер / Фото: Cinema Publishers/HA / Hollywood Archive / Profimedia

Дорис стапила во брак по третпат, со нејзиниот агент и продуцент Мартин Мелхер, со кого се омажила на нејзиниот роденден во 1951 година, но тој 17-годишен брак се покажал како голема грешка. Имено, тој починал на 20 април 1968 година, од срцев удар. По неговата смрт, актерката дознала дека нејзиниот сопруг и неговиот деловен партнер ја потрошиле нејзината парична заштеда и дека ја довеле до банкрот. Но, и тоа не ја поколебало нејзината верба во љубовта.

„Најважно е да живееш и да сакаш. Секогаш ја избирам љубовта и тешко дека ќе престанам да верувам во неа додека не умрам“, открила еднаш.

И по три несреќни бракови, таа не ја изгубила вербата во институцијата брак и повторно се омажила, овој пат со шефот на нејзиниот омилен ресторан, Бери Комден.

„Бев воодушевена кога му подготви коски за вечера на моето куче“, се присетила таа, а тој брак траел шест години.

„Таа повеќе се грижеше за своите кучиња, отколку за мене“, изјави тогаш револтираниот Комден за медиумите.

Дорис Деј и Роналд Реган / Фото: FilmStills.net / Film Stills / Profimedia

Актерката, наводно, била во страсна врска со нејзиниот колега, Роналд Реган. Таа го запознала во неговиот стан во Холивуд, каде додека воделе љубов ја гледале панорамата на градот.

„За мојот приватен живот се пишуваа разни измислици. Можев само да го задржам мирот во моите четири ѕида. Така направив и не се каам. За мене сите задоволства доаѓаа од публиката, другите никогаш не ми беа важни. Ретко излегувам. Никој не е поштеден од озборувања во Холивуд, а јас сум многу чувствителна на тоа“, изјавила актерката.

И покрај бурниот приватен живот, таа била „слатка невина девојка“ на екранот.

„Немам поим зошто, но ја имам таа несреќа што јавноста ме доживува како добра девојка, ’американска девица’ и слично. Мислам дека ќе шокирам многу луѓе, но морам да го кажам ова: Цврсто верувам дека луѓето не смеат да се венчаат пред да живеат заедно одреден период“, рекла таа тогаш, а денес многумина ќе се согласат со неа.

Во последните години од животот, таа се повлекла од медиумите, а нејзината смрт поттикна многумина да се сетат на ликот и делото на оваа талентирана Американка. Но, на големо разочарување на обожавателите, Дорис Деј немала погреб, а нема ни обележан гроб. Причината за оваа одлука е што никогаш не ѝ се допаѓала смртта.

Најголем спомен на големата и сестрана Дорис Деј се нејзините песни, зборови, но и широката насмевка вткаена во срцата на нејзините обожаватели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот