Сопругата на убиениот грчки амбасадор во Бразил осудена на 31 година затвор

Запаленото возило во кое е пронајдено телото на убиениот амбасадор на 30 декември 2016/ Фото: EPA/VICTOR DE SA

Бразилка е осудена на 31 година затвор заради планирање на убиството на сопругот, поранешен грчки амбасадор во Бразил, јавува Би Би Си.

Во 2016 година остатоците од Киријакос Амиридис се пронајдени во багажникот на запален автомобил во Рио де Женеиро.

Неговата сопруга Франсоаз де Соуза Оливеира имала љубовна врска со офицер на воената полиција, Серџо Гомез.

Тој подоцна призна дека го убил амбасадорот по барање на својата љубовница, и за тоа е осуден на 22 години затвор.

На крајот на тридневното судење, судијата нивното криминално дело го нарече „ѕверско“.

Уште еден маж, Еудардо Мореира Тедеши ди Мело, роднина на Гомез, е осуден за убиството но веќе служи една година затвор заради помагање да се скрие телото на грчкиот амбасадор Амиридис.

Амиридис (59) работел како конзул во Рио де Женеиро од 2001 до 2004 година, и се вратил назад во Бразил како амбасадор годината кога е убиен.

Се оженил со Франсоаз во 2004 година и двојката добила ќерка.

Пред својата смрт, Амиридис патувал од главниот град Бразилија до градот Нова Игуаку, северно од Рио, за да ги помине божиќните празници со сопругата и нејзините роднини.

Првично неговата сопруга го пријавила за исчезнат, давајќи изјава во полицијата тој заминал од станот без објаснување и возел рента кар.

Изгореното возило е пронајдено следниот ден под подвозник, со телото на амбасадорот внатре.

Истражителите пронајдоа крвави траги на софата во станот каде живеела двојата и се верува дека амбасадорот тука е убиен и неговото тело потоа е изнесено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот