Сопругата на Ел Чапо осудена на три години затвор

Сопругата на Ел Чапо
Сопругата на Ел Чапо, Ема Коронел/ Фото: EPA-EFE/JOHN TAGGART

Сопругата на мексиканскиот нарко бос „Ел Чапо“, Ема Коронел Ајспуро денеска беше осудена од американскиот федерален суд на три години затвор, откако призна дека е вмешана во шверцот на моќниот картел Синалоа, пишува Си-Ен-Ен.

Обвинителите за неа бараа четири години затвор. Судијата Рудолф Контрерас рече дека Американката со мексиканско потекло (32) била многу млада кога се омажила за Ел Чапо и дека соработувала со властите по нејзиното апсење во февруари.

Ема Коронел беше обвинета во јуни за вмешаност во трговија со дрога, перење пари и трансакции со странски дилер на дрога.

Поранешна мисица и инфлуенсерка

Поранешната мисица, инфлуенсерка и креаторка, е обвинета дека била „посредник“ меѓу Хоакин Гузман „Ел Чапо“ и неговите соработници, за учество во администрацијата на картелот Синалоа – еден од најмоќните во светот кога Ел Чапо бил во затвор во Мексико.

Ема Коронел Ајспуро во 2007 година се омажила за „Ел Чапо“, кој е 32 години постар од неа и со него има близнаци. Од венчавката до неговото апсење во февруари, таа имала повеќекратни свесни придобивки од трговијата со дрога на нејзиниот сопруг, се вели во обвинението.

Таа знаела за увоз на огромни количини на дрога

Таа признала дека знаела за увоз на најмалку 450 килограми кокаин, 90 килограми хероин, 45 килограми метамфетамин и 90 тони марихуана во САД.

Обвинителите рекоа дека таа му помогнала на „Ел Чапо“ да избега од мексикански затвор во 2015 година.

Хоакин Гузман важеше за најмоќниот дилер на дрога во светот до неговото апсење во 2016 година и екстрадиција во САД во 2017 година.

Во јули 2019 година, тој беше осуден на доживотен затвор и издржува казна во Колорадо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот