Сопартијци, коалициски и меѓународни партнери на Заев бараат тој да ја преиспита оставката

Зоран Заев / Фото: СДСМ

Оставката на премиерот Зоран Заев е избрзана и донесена во емотивен момент, сметаат многумина негови сопартијци, партнери од коалицијата, но и високи политичари од меѓународната заедница, пишува МИА.

Повеќето од нив се на став дека на државата ѝ претстојат значајни реформи, кои се изводливи единствено со стабилни институции.

Сопартијците и коалициските партнери го повикуваат Заев „да донесе мудра одлука со цел државата да не западне и во политичка криза, од која последици би трпело целото општество“. Посочуваат, меѓу другото, дека е период кога државата се уште се справува со ковид пандемијата, како на здравствен, така и на економски план, додека дополнително се заканува и енергетска криза.

Од друга страна, потсетуваат дека претстои решавање на недоразбирањата со Бугарија, кои би го откочиле евроинтегративниот процес на земјата преку отпочнување на пристапните преговори.

Според нив, политичките опоненти го нудат, како што велат, токму спротивното, бидејќи приврзаниците на Христијан Мицкоски продолжуваат да го негираат Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, Охридскиот рамковен договор, но и ги поткопуваат меѓуетничките тензии на домашен план.

Иницијативата во СДСМ за Заев да остане на чело на партијата ја покрена пратеникот Мартин Костовски..

– Јас, Мартин Костовски, претседател на ОО СДСМ Куманово, од денеска поднесувам иницијатива кај сите социјалдемократи во државата за поддршка на претседателот Зоран Заев. Недвосмислена и безрезервна поддршка да остане на лидерската позиција во СДСМ. Искрено и чесно, одговорно и храбро, многу дадовме за овие 5 години за Македонија, за СДСМ, вели Костовски, кој доби поддршка од партиски функционери и членови на партијата.

И коалициските партнери настапија со барање Заев да ја промени одлуката и ѝ изразија поддршка на Владата, потврдувајќи дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот. Побараа од него да ја преиспита својата одлука за оставка од премиерската функција, како и од местото лидер на СДСМ.

– Никако не смее да даде оставка. Државата има многу сериозни предизвици. Заев има мандат и не може да се повлече. Имаме владина програма. Имаме сериозни проекти кои сме ги ветиле, кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети, откако Заев го најави повлекувањето.

Маја Морачанин од ДОМ, пред средбата со Заев и партиите од владината коалиција, изјави дека не поддржуваат одржување предвремени парламентарни избори и формирање ново парламентарно мнозинство, бидејќи, како што рече, на Македонија ѝ е потребна стабилност, се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата.

Оставката на Заев предизвика реакции и во меѓународната заедница, а најгласни беа соседите-потписници на Преспанскиот договор.

– Ако има владина промена ова сигурно ќе донесе голем притисок врз Договорот, врз правилното спроведување на Договорот од Преспа што е прашање за нас. Но, сметам дека ќе создаде повеќекратни проблеми за самата Северна Македонија во врска со нејзиниот европски тек, изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис.

Оставката на Заев „не само што е лоша вест за реформските напори што тој ги започна во Северна Македонија, туку и лоша вест за иднината на европскиот проект“, вели денеска во интервју за партиското гласило на германските социјалдемократи (СДП), Нилс Шмид, надворешнополитички гласноговорник на пратеничката група на СДП во Бундестагот.

Шмид потенцира дека и покрај направените компромиси, во прв ред промената на името на земјата, тој не успеа, не по негова вина, да направи значителен напредок кон процесот на проширување на ЕУ,

-Оставката на Заев е тежок удар, не само за европската социјалдемократија, туку и севкупно за проширувањето на ЕУ. Не смееме да го потценуваме разочарувањето на младата, европски ориентирана генерација кое го произведува недоволната поддршка за социјалдемократските, реформски ориентирани политичари како Заев, заклучува германскиот политичар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот