Соочување со минатото и сегашноста

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Балканците треба секое утро, пред да си го измијат лицето пред огледало, да си ја повторуваат познатата изјава на Винстон Черчил – „Балканите произведуваат повеќе историја отколку што можат да потрошат“. Тоа треба да им биде утринска мантра на сите што живеат на било кое парче балканска земја подолго од еден ден. Треба да се стави како натпис на секој граничен премин… Да се стави веднаш под баркодот на секоја фискална сметка… Да биде прва реченица на секој час во училиште… Да се издлаби на работната маса на секој академик во секоја земја… На политичарите да им се постави како почетна страна на нивниот мобилен телефон, а може и како плочка на седиштата пред нив, додека се возат во скапите службени коли.

Нож во грб од Бугарија

Сите балкански народи (читај: нивните лидери и интелектуални „елити“) со децении (па и векови) ја злоупотребуваат историјата крајно неодговорно и во политички цели. Историјата често им служи како штит на патолошките криминалци на власт низ Балканите. Цел живот прејадувани и пијани како гусари, самонаречените интелектуалци, „кремот“ на општеството, имплантирани во највисоките научни и образовни институции, не работат ништо со генерации, освен што ги хранат балканските криминалци со квази аргументи за нивните тапоглави политики што водеа кон бескрајни крвопролевања низ историјата, сѐ до денешен ден. Квазиисториските бајки на политичарите ги поделија народите и заедниците низ Балканот и ги задоија со омраза и глупост.

Од Вардара, па до Триглава, од Ѓердапа, па до Јадрана, и до Црно, Јонско и Егејско Море (не знам како треба да го наречам по Преспанскиот договор), политичките лидери се служат со историјата за да разделат, па да владеат. Историјата е крвавиот меч во нивните раце, со кој го загорчуваат животот на десетиците милиони луѓе што живеат на овој крвав полуостров, несреќниот и сиромашен потконтинент на пребогатата Европа.

Пред да почнат да вреват и да уценуваат, буквално сите балкански лидери треба да си погледнат прво во својот двор и стопати да си ја повторат изјавата на Черчил за балканската хиперпродукција на историјата.

Да, за последниот нож в грб од Бугарија зборуваме. Наша соседна држава со која го потпишавме долгоочекуваниот договор за пријателство. Наш сосед што влезе во ЕУ (2007) низ иглени уши. Сѐ уште е една од најпроблематичните држави во ЕУ поради корупцијата и организираниот криминал, судството, проблематичното ниво на човекови права и слободи. Сега, таа иста земја, Бугарија, поставува услови на нашиот пат кон таа иста ЕУ. Зошто? За вредностите, за човековите права, демократијата, владеењето на правото, реформите, медиумите? Не! Заради историјата. А бе, ајде! Сериозно?

Добро, да видиме дали се во право. Јас би рекол, да, делумно се во право поради деценискиот навредлив однос кон Бугарија, што беше диктиран од Белград, од времето на југословенската федерација. Тој однос продолжи и по македонското осамостојување.

Научниците, не булументата

Сите треба да се соочиме со минатото. И не помалку важно е да се соочиме со сегашноста. Еве, на пример, нашата декларирано пријателска соседна Бугарија би можела да се потруди да се соочи со своето неодамнешно минато со државната репресија врз турското малцинство. Може да поработи „малку“ и на својот милитантен однос кон бегалците од војните на Блискиот Исток, кога со тенкови, оклопни возила и приватни парамилитарни формации гонеше и жени и деца во пограничните подрачја, со непознат број жртви. Особено со дискриминаторскиот однос кон Ромите, за што нема потреба да трошам екстра зборови. Наместо да се занимава со македонскиот јазик и историја како алатка за попречување на македонските ЕУ интегративни напори, може да го прочита договорот за пријателство. А секако, да поработи на драматичните нивоа на криминал во сопствената држава, членка на ЕУ.

Бугарскиот естаблишмент може да се стрпи малку, да биде добар сосед и пријател кој ќе каже дека ќе ги решиме проблемите што имаат историски, научен и долгорочен карактер, а не политички. Северна Македонија има интерес, кога ќе стане членка на ЕУ, да биде во добро друштво.

Ова е крајно време балканските држави да ангажираат млади и прогресивни научници кои ќе создадат една заедничка историја. Научниците, не говорам за онаа пијана кафанска булумента, можат да ја согледаат и претстават гротеската на преземањето и неодговорното злоупотребување и политизирање на историјата. Да им дадат шанса на модерните политичари какви што имаме среќа да се појават во ова време. Со тоа ќе им зададат сериозен удар на валканите, криминални умови во политиката и ќе ги остават без нивниот крвав меч. И ќе му дадат простор на нормалниот, европски граѓанин да учи од грешките на минатото и да гради поубава сегашност и иднина. Неоптоварена иднина. Европска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот