Сообраќајни и други несреќи

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Некои учени луѓе велат дека злото е интелигентно и дека ниедни мерки ни волја однадвор – политика, држава, град – не се и нема да бидат доволни за да нѐ заштитат надвор (тоа не ги ослободува од обврската да ги преземат, напротив) на улиците, ако секој сам не се обиде да смени нешто. Прво, и пред сѐ, во самиот себе.

Ништо не е тешко да направиш, ако се доведеш во состојба да го направиш. Ова сознание лесно може да се види, да се илустрира и во пракса. Со трагедиите што се случуваат во сообраќајот и со поуките што се извлекуваат од нив. Последната од црната низа вести гласи: викендов во Радовиш беше погребана 24-годишната девојка, прегазена на пешачки премин во Скопје од 22-годишен возач. Јавноста беше згрозена, потресена од настанот во кој толку лесно, брзо, апсурдно и бесмислено е изгубен животот на девојката-пешак и тешко оштетен, истрауматизиран, тој на момчето-возач.

Но, само за кратко. Се покажа дека ние – сите ние кои не сме од најблиското семејство на жртвите – брзо сме закрепнале од ударот врз нашите чувства што ни го нанесе ужасот. Дека веднаш сме го заборавиле. Полицијата за еден ден – веќе следниот! – казнила вкупно 133 возачи во Скопје, од нив 26 за брзо возење, 13 немале возачка дозвола, 8 имале неисправни возила, тројца биле пијани, тројца биле возачи-почетници, шестмина не почитувале првенство на минување и 10 зборувале на телефон! Ништо подобро не било ни надвор од градот. На автопатот Куманово-Скопје-Велес само за шест часа, во исто време со погребот во Радовиш, биле казнети 90 возачи, сите за брзо возење. Некои со 70 километри над дозволеното!

Универзитетскиот професор и експерт за сообраќај Никола Крстаноски, еден од ретките, ако не и единствен, што јавно проговори за сообраќајката во Скопје, смета дека оптоварените градови со автомобили, нервозните возачи, ниската сообраќајна свест и неказнивноста со одземање возачки дозволи се причини за честите несреќи. Тој смета дека само ригорозните казни и алтернативниот сообраќај без автомобили ќе ја зголемат безбедноста на улиците, а сообраќајките со смртни последици на пешачките премини ќе бидат минато. И уште нешто: „за целосен успех потребна е и политичка волја за законски измени, но и скапи инвестиции на локалната и на централната власт“.

За жал, статистиката покажува дека казните не се доволни. Во минатава, 2021 година, биле изречени над 240.000, четири пати повеќе отколку во претходната 2020, најмногу од нив за брзо возење. Но, поважно, и пострашно е дека тие не го намалиле, барем не битно, бројот на загинати во претходната: вкупно 125. Ни во Европа, каде што мерките се поригорозни, а свеста „понапредната“ не е нешто многу подобро. Во светот, пак, годишно во сообраќајни несреќи гинат околу 1,3 милиони лица, а околу 50 милиони се повредени.

Ваквите бројки наведуваат на исто толку трагичниот заклучок дека ниедна мерка не може да го реши проблемот, ниту да гарантира целосен успех. Социолозите (З. Бауман, на пример) тврдат дека живееме во постојан страв, кој е најстрашен кога е флуиден, дифузен, нејасен, кога е страв во слободно движење, без цел и причина. Токму во таков живееме денес и сега, иако се мислело дека модерната доба ќе донесе живот во кој нема да важи дијагнозата за оној до 16 век: плаши се секогаш и секаде. А стравот и злото се сијамски близнаци. Бауман вели дека можеме да објасниме што е злосторство, зашто имаме закони чие кршење се смета за злосторство, знаеме за грев зашто имаме список на заповеди чие кршење прекршителите ги чини грешници, а прибегнуваме кон поимот зло тогаш кога не сме во состојба да укажеме кое правило е прекршено кога ќе се случи дело за кое бараме, а немаме соодветно име. Зло е она неправда, што не можеме да ниту да ја разбереме, ниту да ја артикулираме, а уште помалку нејзиното присуство да го објасниме на задоволителен начин.

Ако е сето тоа точно, ако злото што произлегува од човекот веќе не се разликува од тоа што доаѓа од природата, тогаш сите ние навистина сме доведени во состојба во која ништо не може, или премногу тешко ќе може, да не спречи лесно да бидеме жртви: да прегазиме некого или некој да не прегази нас. Сеедно. Освен во страв, живееме и во погубен императив: не знаеме каде, ама мора да стигнеме брзо. И, не гордо туку покорени, со спуштен поглед (и глава) и кога одиме пешки и кога седиме зад воланот. Ама не од срам, туку поради тоа што веќе не можеме – поточно не смееме! – да го одвоиме погледот од телефонот. Во кој старовремската порака – подобро да стигнеш 10 минути подоцна, отколку да заминеш 20 години порано, е одамна избришана.

Некои учени луѓе велат дека злото е интелигентно и дека ниедни мерки ни волја однадвор – политика, држава, град – не се и нема да бидат доволни за да нѐ заштитат надвор (тоа не ги ослободува од обврската да ги преземат, се разбира) на улиците, ако секој сам не се обиде да смени нешто. Прво, и пред сѐ, во самиот себе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот