Сонологија и мултимедија на ФМУ: ИРАМ/БузАр одбележа 20 години постоење

Институтот за истражување и архивирање музика (ИРАМ), кој прерасна во архив „БузАр“, во видеоконференција и со промоција на две нови книги за македонската музичка култура прослави 20 години постоење.

Одбележувањето на јубилејната година на ИРАМ/БузАр почна на 24 јануари 2020 година со промоција на документарно видео за доајенот на македонската народна музика Благоја Дескоски. Централниот настан го одбележаа два најнови проекта на „БузАр“, двете книги за македонската музичка култура: „Музички клуч“ од Трена Јорданоска и „Од Шеќерна до Деспина“ од Димитрије Бужаровски.

Првата книга ја обработува историјата на пијаноштимерите во Македонија, додека втората е посветена на двете сценски дела „Шеќерна приказна“ и „Деспина и мистер Докс“, во која се обработени настаните околу нивното создавање и изведби, како и детална музиколошка анализа на нивната музичка содржина.

Почетоците на ИРАМ/БузАр се поврзани со 4 септември 2000 година, кога во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје се одржа првиот концерт што беше снимен во дигитална форма и од него отпечатен првиот компакт-диск. На првиот концерт Димитрије Бужаровски ги праизведе „Вечеринките“ (9 ноктурна за пијано) оп. 49, така што оваа година се навршуваат 20 години од нивната праизведба.

Тие беа снимени во дигиталното студио изградено на ФМУ во рамките на проектот „Темпус“, со кој се отвори и програмата за сонологија на првиот и вториот циклус студии, на која првите студенти беа примени во октомври 2000 година. Со тоа почна и програмата за сонологија при ФМУ, која подоцна прерасна во сонологија со мултимедија и на која дипломираа, магистрираа и докторираа повеќе од 60 студенти на ФМУ, информираа од архивот „БузАр“.

Во изминатите 20 години ИРАМ, кој подоцна беше трансформиран во архив „БузАр“, прерасна во една од најголемите институции за архивирање на звучното културно наследство.

Во моментов „БузАр“ поседува два терабајта од аудио, видео, фотографии, текстови, партитури, мелограми и друг графички материјал, од кој се издвојуваат 14 дигитализирани колекции со музички фолклор со повеќе од илјади песни, ора, приказни и друг говорен материјал, 110 снимени концерти, видеа од концерти на ансамблите на ФМУ, спотови, 170 кратки документарни видеа, 14 документарни видеа – портрети на истакнати македонски културни дејци, 119 емисии на Студентското интернет радио при ФМУ итн. Карактеристика на овој архив е што сите негови активности (вклучувајќи го и издавањето на двете најнови книги) се организирани исклучиво на волонтерска основа на групата професори и студенти, која ја предводи Димитрије Бужаровски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 48, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот