СОНК за штрајкот: Надлежните имаат несериозен пристап, преговараат без конкретен предлог

Јаким Неделков, претседател на СОНК/Фото: МИА

Генералниот штрајк на Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ќе продолжи и понатаму. Советот на СОНК на денешната седница одлучи да не го прифати предлогот на Владата за 10 процентно зголемување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.

Една од причините зошто овој предлог не е прифатен од СОНК, е затоа што бил предложен усно, а не во писмена форма, информираа од СОНК, од каде додаваат дека над 95 проценти од синдикалните органзации на СОНК се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференција рече дека членовите на СОНК, реагираат на несериозниот пристап на надлежните кои, како што наведе, скоро два месеца преговараат со претставници на СОНК, а реално не даваат никаков конкретен предлог на доставените писмени барања од страна на СОНК.

– Членовите на СОНК констатираат дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот. Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата, рече претседателот на СОНК, Неделков.

Посочи дека членовите на СОНК сметаат дека едно од најважните прашања е договорот со Владата за усогласување на платите по Колективен договор, за кои се подготвени да се прави во динамика од две години.

– Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата на кои би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитно-образовниот процес. Членовите на СОНК изразуваат големо жалење за сите непријатности кои ги имаат родителите заради штрајкот на СОНК и од таа причина уште еднаш упатува големо извинување до нив. Членовите на СОНК искажуваат огромно единство, взаемност и истрајност во заедничката борба за своите права до остварување на заедничката цел, а тоа е подигнување на нивниот социјален статус и враќање на достоинството на дејноста која ја застапуваат, додаде Неделков.

Одговарајќи на нвоинарски прашања рече дека десет проценти зголемување на платите се изедначува со процентот на инфлација која е спомнат овие денови, 8,8 последниот месец, а 10 проценти на малопродажните производи кои секојденвно се купуваат во малопродажба. Од таа причина, појасни, со тие 10 проценти се покрива инфлацијата, а да не зборуваме за тоа што треба да се усогласиме по пораст на минималната плата.

– Многу е сложено ова, но мора од некаде да се почне и мора надлежните да излезат во пресрет на нашите аргументи дека имаме право. Ние не велиме дека е лесно во ваква економска криза да се најде решение, меѓутоа не сме од таа страна, не сме од редовите на Владата за да знаеме како може да се изменаџира и да се најде решение за овие засегнати вработени, а не се само тие, да излезат во пресрет за да се надмине ваквата ситуација. Длабоко закопани во ровови сигурно е дека нема брзо доаѓање до решение, рече Неделков.

Одговарајќи на новинарски прашања тој потенцира дека разговарале во преговорите дека има многу вработени во однос на релативно мал број ученици. Во однос на продуктивноста на наставниците рече дека кога не би биле добри наставниците и кога добро не би ги едуцирале учениците, сигурно не би ги барале во Европа за да даваат придонес за развој на некоја друга држава, а не на сопствената.

Што се однесува до законското решение за кратење дневници на тие што штрајкуваат, рече дека е тоа е апсолутно неиздржано од причина што некој друг го крши законот и заради тоа се оди на штрајк, а цената да ја плати работникот.

– Ако дојдеме до тоа за се да се договориме, а за ова да не се договориме мислам дека се ќе пропадне во вода и дека нема да се потпише спогодба додека не се усогласи ова прашање и да се излезе од оваа ситуација, посочи Неделков.

Во врска со ангажирањето заменски наставници во некои училишта, тој потенцира дека без оглед на кое работно место се нивните колеги, членови, директорите и министерствата имаат можност да менаџираат и да обезбедат заменски наставници, хаусмајстори…меѓутоа, додаде, тоа не е решение, решението е друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот