Сонетна форма: Несекојдневна збирка песни за песните

Книгата „101 сонет од една чудна пролет“ (Кликер, 2020) на Владимир Мартиновски содржи стихови во сонетна форма создавани во текот на карантинските денови оваа пролет.

Авторот секојдневно на Фејсбук објавуваше по еден сонет, а крајниот резултат е спакуван во книга за која цртежите ги направи Перо Георгиев. Суштината на сонетите на Мартиновски ја доловува Оливера Ќорвезироска, која во поговорот со наслов „Конфети од сонети“ прави детална анализа на делото.

– Книгата „101 сонет од една чудна пролет“ е несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает, останата предолго затворена и сама во книжевноста, без живиот вонкнижевен свет. Како и сите ние, всушност. Затвореноста на песната дома во книжевноста, во самата себеси, е еквивалент на нашата затвореност дома целата пролет 2020, затоа и персонификацијата како доминантна стилска и поетска постапка е всушност, совршено поистоветување на песните со луѓето.

Иако Владимир Мартиновски нагласува дека имал „прилично голема резерва кон идејата уметноста да зборува за самата себе“ (песни да зборуваат за песните?), резерва што очигледно се однесува токму на најмногубројните, доминантните песни во оваа збирка, сепак се чини дека таа, резервата, била само подготовка за вистински пев во вистинско време. Преклопувањето на карантинот на луѓето (поетот) со карантинот на поезијата (автореференцијалната песна) се творечкото кредо на оваа збирка.

Со урнатата меѓа помеѓу она за кое се има и она за кое се нема резерви, помеѓу порано и сега, помеѓу слободата и карантинот, според зборовите на Мартиновски, се остварува „мала победа над стравот“, којашто, всушност, е голема победа над непознатото (пандемијата) со помош на она што најдобро се знае, она што Мартиновски најдобро го знае – пишувањето! Збиркава е претворање на врвното непоетско околу нас во врвно поетско за нас и во нас – напиша Ќорвезироска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 43, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот