Сонцето од Кутлеш ќе се вее само приватно

Фото: По острите реакции, ЈП Водовод мораше да го смени теписонот со сонцето од Кутлеш

Преспанскиот договор не создава обврски за приватни лица и за приватни ентитети, велат од Владата во врска со шестмесечниот рок во македонско-грчкиот договор, по кој „втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме“. „Слободен печат“ ја праша Владата дали граѓаните ќе имаат обврска да го отстранат Сонцето од Кутлеш од фасадите и од дворовите и дали веењето на поранешното државно знаме на јавни настани ќе се смета за прекршок, а оттаму одговорија дека договорот не важи за приватни лица.

– Преспанскиот договор создава обврски за државите и за јавните институции на двете страни. Тие се задолжени за неговата имплементација. Договорот не создава обврски за приватни лица и приватни ентитети, но државата и јавните институции ги охрабруваат и ги поттикнуваат приватните лица и приватните ентитети доследно да го почитуваат и да го применуваат договорот во практика – објаснуваат од Владата.

Завчера истече шестмесечниот рок од договорот во кој македонската влада требаше да го преиспита статусот на сите споменици и соодветно да ги обележи оние за кои ќе се утврди дека припаѓаат на античката, елинска историја и цивилизација, која е дел од грчкото културно-историско наследство, но спомениците досега не се обележани. Истиот рок се однесува и на обврската на Владата да ја отстрани шестнаесеткраката ѕвезда од сите јавни места и од јавна употреба и да го исполни условот – „втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме“.

Уставните измени за промена на државното име беа изгласани на 11 јануари, стапија на сила на 12 февруари, а рокот за преименување на спомениците и за отстранување на сонцето од Кутлеш истече на 12 август.

Од Владата објаснуваат дека државата има преземено обврска уште во 1995 година со Привремената спогодба, конкретно член 7 став 2, дека јавните и државните институции нема да го употребуваат симболот од поранешното знаме во јавниот простор и дека употребата е регулирана уште оттогаш. Во врска со соодветното означување на спомениците, велат дека „обврските од договорот се имплементираат согласно со договорот и предвидената динамика“.

– Во целиот процес има комуникација и соработка со грчката страна. Обврските и трошоците поврзани со имплементацијата на договорот се на товар на надлежните јавни институции, кои ги имплементираат предвидените активности – велат од Владата без да одговорат подетално кога ќе ги означат спомениците и ќе почнат со отстранување на Сонцето од Кутлеш од јавниот простор, кое го има насекаде – на фасадите и на подови на јавни објекти, на разни сувенири, а го има и на шахтите.

Симболот целосно го има на знамето на општината Македонска Каменица, како и делумно на грбот на Општина Могила, како и на плоштадот во Виница, каде што ѕвездата е изработена од црвени и жолти бекатон-плочки по целата површина.

Досега сонцето е отстрането од кабинетот на директорот на ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје, каде што беше исткаено на голем тепих и тоа по налог на Владата, откако Грција пратила протестна нота.

Откако е потпишан Преспанскиот договор и е најавено бришење на шеснаесеткракото сонце од јавниот простор, граѓаните самоиницијативно го цртаат на разни локации и во различни големини низ цела Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот