ИНТЕРВЈУ СО СОЊА МАНЏУК, првата добитничка на наградата „Пегаз“

На конкурсот за новооснованата награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнале 77 ракописи. За победникот одлучи тричлената книжевна комисија, во состав: Димитар Башевски (писател и издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“). Комисијата одлучи наградата да ја добие ракописот „Насон прочитана книга“ на Соња Манџук затоа што „романот носи приказна за човекот. Во ова време на технолошки и дигитален развој, човекот се чувствува отуѓен, а во овој роман пронаоѓа приказни каде што се присутни луѓе. Па така, читајќи, човекот никогаш не е сам“. Со врачувањето на наградата беше промовиран и наградениот роман, кој го објави „Арс Ламина – публикации“. Приказната на Соња Манџук поврзана со ракописот „Насон прочитана книга“ трае десетина години наназад, а со „Пегаз“ конечно добива финална книжевна форма.

Откако стана првата добитничка на наградата „Пегаз“ на „Арс ламина“ и романот „Насон прочитана книга“ стана јаве, какви се твоите чувства со наградата и кон веќе објавената книга?

– На секој автор му е значајна секоја награда, затоа што, на некој начин е вреднување на делото. Мене лично оваа награда ми е исклучително значајна и посебна, особено, пак, затоа што го носи називот „Пегаз“. Тоа е симболот со кој јас на некој начин се идентификувам, знак е, што би можела и да го тетовирам, без тронка сомнеж дека некогаш ќе сакам да го избришам. Освен тоа, тој симбол/знак го споменувам во романот, дел од него е. Ликовите, имено, летаат на крилест коњ, со своето астрално или сновидно тело, сеедно кој термин ќе го употребиме. Интересно е што и оваа награда се вклопува во делото, во обидот да го следам холистичкиот принцип на сеопфатност и целовитост, но и да потенцирам дека ништо случајно не се случува.

Требаше да помине долго време ракописот да стане роман. Што толку време беше пречка да се случи тоа?

– Причината што остана и повеќе од една декада да си „одлежи“ во фиока како ракопис е од субјективни, но и од објективни причини. Техничкиот проблем да го одбегнам концептот на сезнаечки и сеприсутен писател, кој може да види што се случува и на голема оддалеченост, а самиот концепт на романот тоа го бараше од мене, го решив кога повторно му се вратив на ракописот пред четири-пет години, подготвувајќи го за аплицирање преку издавачка куќа. Комотно се сместив во библиотека, станав читател и го „прочитав“ за месец-два. Две години беше одбиван од Министерството за култура, а последниве две години не ни мислев да го понудам на издавач, имајќи ги предвид општествено-политичките /не/прилики.

Критиката жанровски го смести романот во постмодернистичкиот израз, а која беше твојата намера со пишувањето на делото?

– „Етикетата“ постмодернистички писател ја добив уште со новелата „Деан Кингер: Сместен во Смешна Куќа“, објавен во 1994 година, иако јас во тој манир пишував и кога немав претстава за истиот. Имено, неможно ми е да пишувам како за темата никој пред мене да не пишувал, затоа ја користам и цитатноста, референци со други автори, документаристиката која, пак, ми овозможува да го запазам концетот на „отворено дело“, кое без читателот би било некомплетно, па и без авторот/писателот, свеста дека во тој некој даден миг, пишува/м. Тие книжевни манири ми овозможуваат од фикцијата да создадам реалност. Во овој роман таа постапка, обидот за „објективна стварност“ ја објаснувам преку интервјуто со сликарот, лик-автор во делото.

Која точка на позиционирање во светот/делото е најсоодветна и најкомфорна за писателот?

– Онаа која на авторот и на неговиот концепт за одредено дело му е најсоодветна и најкомфорна. Нема правила. Или, попрецизно, ако ги има, пожелно е да ги крши, да ги руши. Или, јас така мислам дека треба затоа што поинаку и не ми е можно. Со еден збор, јас го следам она што се нарекува „иманентна логика на самото дело“. Следејќи ја, сфаќам дека делото, на некој начин се пишува самото себеси, а јас сум медиумот кој го држи пенкалото. Ова веќе личи на флоскула од постмодернистичката теорија. Во тој контекст, да ти одговорам на претходното прашање – немам намера, барем не како книжевна постапка, а идејата за одредено дело, е веќе нешто друго.

Фотографии: Арс Ламина

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 10, во викенд-бројот на „Слободен печат“ на 21/22 декември 2019)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот