Солзи сами капат од кромидот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

За да стигнеме до сегашната цена на кромидот, која направи невидена паника кај купувачите, имаше долг пат со грешки. Но, ако минатото не може да се поправи, што може да се направи во иднина? И многу и малку – одговорот е некаде помеѓу.

Додека си игравме индустријалци и додека мислевме само како да го пренатрупаме Скопје, па лежерно со соседот од тераса да може да си го подаваме врелото кафе, вистината нè заплисна в лице. Дојде во форма на кромид. Кромидот се продавал по 90 денари, а стигна и веста дека надминал стотка! Само поради тоа што наш кромид си немаме.

Но, оние што имаат малку подолга меморија ќе се сетат дека пред десетина години кромидот скапуваше по нивите, а и револтираните земјоделци го фрлаа зашто немаше кому да го продадат. Земјоделците паметат и дека им скапуваа јаболка, фармерите дека истураа млеко по улиците…

За да стигнеме до сегашната цена на кромидот, која направи невидена паника кај купувачите, имаше долг пат со грешки. Но, ако минатото не може да се поправи, што може да се направи во иднина? И многу и малку – одговорот е некаде помеѓу.

Селата се запустија. Во нив куќите се распаднаа. Навиките и знаењето се загуби. Инфраструктурата беше и остана каллив пат или тенок асфалт изеден од оние кои со камиони одат само колку да направат викендичка. Половина Западна Македонија е со нови куќи, ама со спуштени капаци. Околу нив наместо плодни ниви – голи ливади.

Се празни и истокот. Деновиве гледам на телевизија разговор со еден земјоделец што насадил лути пиперки во оранжерии и тие стигнале за берење. Вели дека одвај некако се снаоѓа со работна сила. Но, не од кај нас, туку од Албанија и од Србија, зашто нашите аргати веќе ги нема. Се жали и за цената на пиперките, многу била пониска од ланската. Кај и да е, ќе стигне и младиот кромид. Нема да биде изненадување ако и неговите производители се жалат поради ниската цена. Полека, веројатно ќе се заборави на кромидот од 90 и од 100 денари, увезен од странство. Но, како тргнало, некој друг „кромид“ ќе нè снајде, и тоа многу полут од овој сегашниов.

Властите постојано велат дека покажуваат голема грижа за земјоделците. ВМРО-ДПМНЕ (кога беше на власт) ги постави стандардите со милионските износи за субвенционирање. Во 2006 година за субвенции се издвоија 18 милиони евра (невидена сума дотогаш), следната 27 милиони, во 2008 година – 45 милиони евра, и така секоја година сумите беа се поголеми и поголеми, за сегашната Влада со гордост да каже дека годинава за субвенционирање на земјоделците ќе се издвојат речиси 120 милиони евра. Но, клучното прашање е што се постигна со парите што сите граѓани преку буџетите ги дадоа за развојот на земјоделството? Самиот факт дека истовремено се зголемува зависноста од увозна храна, го дава одговорот. Одговорот е и во судските постапки за злоупотреби на субвенциите од страна на десетици земјоделци, но и од државни службеници.

Оваа година, како што најави министерот за земјоделие Љупчо Николовски почнуваме со најголемата земјоделска реформа во историјата. Земјоделците ќе добиваат однапред, авансно, пари за да може да произведуваат, целокупното домашно производство ќе остане дома, во нашите капацитети, и за првпат почнуваме и со ортофото снимања, преку кои ќе вршиме прецизна контрола дали земјиштето се обработува, што ќе биде клучно за исплатата на субвенциите. Николовски нагласи дека досегашните субвенции не го дале очекуваниот резултат. Но, нејасно е зошто толку време му требаше тоа да го сфати, а министер е од 2017 година (освен паузата кога отиде „на излет“ во борбата против корупцијата).

Министерот сега пред себе има и еден нов голем предизвик – како да го спаси земјоделското земјиште пред налетот на сончевите електрани. Но, веројатно најголем предизвик ќе биде како да се заинтересираат младите луѓе за земјоделство. Земјоделството нема алтернатива. Без сè се може, но не без храна и без вода!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот