Солидната театарска продукција во пандемиската година ќе биде прикажана на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“

Македонскиот театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“ во своето 55. издание ќе се одржи од 1 до 8 октомври во Прилеп. Фестивалот ја соопшти програмата и годинашните добитници на наградата за животно дело – актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и сценографот Крсте С. Џидров.

На 1 октомври, на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“, фестивалот ќе биде отворен со доделувањето на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата за награди, претставата на Македонскиот народен театар од Скопје со „Мој термин“ во режија на Синиша Евтимов, според мотивите на Лорен Бафи и на Винсенте Виљануева.

На 2 октомври ќе биде промовирана книгата на Тена Штивичиќ, „Невидливите“, а на програмата се уште две претстави во конкуренција: „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска, а во продукција на „Театар Комедија“ од Скопје, и претставата „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа во режија на Бранко Брезовец на НТ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

На 3 октомври ќе бидат изведени претставите на „Вообразен болен“ од Молиер во режија на Драган Гунин на Кумановскиот театар, како и „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во режија на Нела Витошевиќ на Драмскиот театар од Скопје.

На 4 октомври ќе се одржи трибина на тема „Театарот во ковид-19. Проблеми и решенија“, а со претстави ќе настапат Албанскиот театар од Скопје со „Мурлин Мурло“ од Николај Кољада, во режија на Кристина Димитрова, и „Херои 04:33“ од Сашо Димоски во режија на Деан Дамјановски од Велешкиот театар.

Тетовскиот театар со претставата „Страст и алчност“ од Јуџин О’Нил во режија на Фитим Селими ќе настапи на 5 октомври, а истата вечер е и претставата „Едип коментари“ според мотиви од Едип на Софокле во режија на Драгана Милошевски Попова, а во продукција на Штипскиот театар.

На 6 октомври ќе има промоција на книгата „Горан во Драмски“ и уште две претстави во конкуренција: Турски театар од Скопје ќе ја изведе „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска Попова, а потоа е претставата на Охридскиот театар „Крик за љубов“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

На 7 октомври се планирани три претстави: Театарот за деца и младинци од Скопје со „Едвард раце ножици“ во режија на Нела Витошевиќ, Битолскиот театар со „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски и Факултетот за драмски уметности со „Мурлин Мурло“, дипломска претстава на студентите од отсекот Драмски актери кај професорите Сузана Киранџиска и на Кристина Леловац.

На 8 октомври жирито во состав Ѕвездана Ангеловска, актер и режисер, Бајруш Мјаку, актер, и Александар Милосављевиќ, театролог од Србија, ќе ги соопшти најдобрите остварувања на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“. Свеченото затворање на фестивалот ќе биде со доделувањето на наградите на најуспешните и со изведбата на перфотмансот „Драмски за Конески“, во чест на наградените.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот