Сојузот на дијабетичари бара на позитивната листа да се додаде нова иновативна таблетарна терапија

Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДСМ) соопшти дека на денешната работна средба со в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Стево Крстевски ги презентирале нивните приоритетни барања за подобрување на грижата за лицата со дијабетес мелитус, имајќи ја предвид состојбата со Ковид-19.

Сметаат дека е потребна набавка на сензори за континуирано мониторирање на гликемиите, глукометри, ленти, ланцети и инсулински игли. СЗДСМ бара промена во начинот на набавката на игли, сензори и глукометри, т.е. во иднина набавката да ја врши ФЗО затоа што, како што се наведува, цениме дека тое се медицински помагала, кои во животот на лицата со дијабетес се назамислив дел од секојдневието, а особено за децата и адолесцентите.

– Сензорите за континуирано мониторирање на гликемиите се медицинско помагало со кое во огромна мерка од една страна се унапредува гликемиската контрола, а од друга страна се подобрува квалитетот на живот на децата и адолесцентите со дијабетес тип 1 и нивните семејства. Очекуваме набавка на количини кои ќе бидат доволни за сите деца и адолесценти со дијабетес тип 1 на возраст до 18 години. За нивната набавка сметаме дека треба да се обезбеди буџет, кој ќе биде независен и одвоен од буџетот за набавка на инсулин и друга антидијабетична терапија. Децата и адолесцентите со дијабетес, како и нивните семејства, чувствуваат сериозна несигурност во време на пандемијата со Ковид-19, како да го продолжат лекувањето на дијабетесот, како и лекувањето на компликациите поради тешките услови за менаџирање на дијабетесот, се вели во соопштението.

Посочуваат дека редовното мерење на гликемии, особено за време на пандемија кај децата и адолесцентите е една од темелните мерки за контрола на шеќерот и заштита од вирусот Ковид-19. Со овие сензори, како што се наведува, тие ќе го намалат бројот на боцкања, т.е. ќе можат безболно и континуирано да ја мерат гликемијата, со што на оваа група граѓани значително би им се олеснил третманот и контролата на нивната хронична, доживотна состојба. Според нив, Министерството за здравство треба итно да најде решение за овој проблем и додаваат дека со набавката на сензори би им се олеснил барем малку животот на најмладите погодени од дијабетес, како и времено вклучување во програма за рефундирање на средствата, на семејствата кои сами ги набавуваат сензорите.

– Набавката на глукометри за мерење на гликемија, ленти, ланцети и игли за пациентите со дијабетес тип 1 и тип 2 да биде согласно највисоките светски стандарди за глукометри и протоколи за контроли на гликемијата, задржувајќи го принципот на предност за квалитет наместо најниска цена. Предлагаме да се реализира по принципот на референтна цена, односно да се вклучат на позитивната листа или да се издаваат по принципот на издавање на ортопедските помагала. Сметаме дека треба да се дефинира најниска референтна цена која ќе биде покриена од страна на ФЗО, а разликата од таа цена до цената на друго избрано помагало да биде надоместена од страна на самите пациенти, се вели во соопштението.

Очекуваат дека ќе продолжи како и досега набавката на игли за аплицирање на инсулин од 4 и 6 милиметри. На ваков начин, според нив, од една страна државата ќе продолжи да обезбедува загарантирани глукометри, ленти, ланцети и инсулински игли, како и до сега, а од друга страна самите пациенти ќе имаат право на избор ако сметаат дека тој е неопходен.

Сметаат дека Министерството за здравство и ФЗО на значително повисоко ниво ќе ги унапреди квалитетот на услуги за прегледи кај специјалисти, т.е. два пати годишно: дијабетолози, ендокринолози, офталмолози, кардиолози, невролози и нефролози, за навремено откривање на можни комбордитети.

Предлагаат измена за системското решение за континуирана достапност на стручна психолошка поддршка на нивните пациенти. Бараат да се зголемат целите на матичните лекари за реализација на прегледи на лица со дијабетес на специјалистичко и субспецијалистичко ниво, најмалку 1-2 пати во годината, воедно и на специјалистите и субспецијалистите задолжително да ги воведуваат пациентите со дијабетес кај другите дејности, преку можноста за приоритетен термин. Според нив, особено важно за здравјето и животот на лицата со дијабетес е итно да се вратат сите специјалистички и субспецијалистички прегледи и покрај шестмесечните, да се овозможат интеревенциите на лицата со дијабетес кои имаат комбордитети.

Бараат итно да се пристапи кон измена и дополнување на позитивната листа на лекови во која, како што велат, треба да се додаде целосната палета на нова иновативна таблетарна терапија. Посочуваат дека оваа го бараат заради веќе докажаните подобри перформанси, кои не даваат дополнителни нус појави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот