Сојуз на стопански комори: Место поголема минимална плата нека има помали придонеси

Работници во текстилна фабрика / Фото: СП. архива

Зголемување на минимална плата на 18.000 денари без да се зголеми продуктивноста на работната сила и економската активност на компаниите би било само чист популизам што ќе им донесе нов удар на компаниите, а ќе влијае и демотивирачки врз попродуктивните работници, затоа што со растот на минималната плата, компаниите нема да имаат моќ скалесто да ги зголемат и другите плати, велат од Сојузот на стопанските комори.

На денешната прес конференција тие и порачаа на Владата, дека ако е искрена во своите намери, државата ќе се откаже од делот од својот колач.

– Ако Владата е искрена во своите намери треба ги намали стапкте на придонеси. Кај нас ефективната стапка на придонеси и данок на личен доход на бруто плата е 33 проценти, во Германија изнесува 27 проценти, во Бугарија 19, во Словенија 18, во Хрватска 17 проценти. Оваа разлика е и поголема ако се стави во контекст со квалитетот на услугите што се добиваат од државните пензиски и здравствени фондови. На повисока минимална плата од 18.000 денари со вклучен данок на личен доход и придонеси, бруто платата ќе биде околу 27.000 денари, или речиси 50 отсто повеќе од самата плата – рече  Александра Андреева член на Управен одбор на Сојуз на стопански комори на Македонија.

Според Андреева ваквото зголемување на минимална плата на среден рок ќе доведе и до сива економија, односно ќе ги принуди компаниите, во бробата за гол опстанок, да ја вратат праксата на плата во плик.

– Во изминатиов период и без оваа мерка платите бележат значителен раст. Зголемувањето на минималната плата може да доведе до зголемување на невработеноста, да го  отежни процесот на отворање на нови работни места и да ги зголеми крајните цени, односно да се поттикнат инфлаторните движења – вели Андреева.

Благоја Грозданов, член на УО на ССК потсети дека минималната плата и според закон се усогласува еднаш годишно, секој март.

– Зголемување на ваков начин на минималната плата не е одговор на инфлацијата, туку долевање на масло на оган. Минималната плата секој март се усогласува една третина со порастот на просечно исплатената плата, една третина со индексот на  трошоците на живот и една третина со растот на бруто домашниот производ. Пред две години имаше „политички бај пас“, зголемување на минималната плата на 14.500 денари и тоа уште повеќе ја намали и онака ниската продуктивност – рече Грозданов.

Видео на денот