Софтверот за сообраќај е набавен низ регуларна јавна набавка

Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Владата вечерва соопшти дека набавката на софтверот за контрола на просечната брзина на возилата во сообраќајот е спроведена со сите детални процедури низ отворена и јавна тендерска постапка.

Во соопштението се наведува дека при набавката на софтверот не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес.

Владата при набавка на авторски дела, како на пример набавка за изработка на софтверски решенија, секогаш има обврска да осигура дека добавувачот, заедно со предаденото авторско дело ги предава сите авторски или индустриски права на договорниот орган и во овој случај таа обврска е испочитувана во целост. Соодветно на тоа, Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот, по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки, се вели во соопштението.

Владата нагласува дека работи по највисоките професионални, правни, етички и законски постапки и оти нема да дозволи нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност, без разлика за која набавка станува збор.

Ги повикува надлежните институции и Антикорупциската комисија, да ги извршат сите неопходни проверки, вклучително и тоа дали при обезбедувањето на софтверот и на авторските права се прекршени какви било процедури или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес.

– Софтверот, изработен од „ФИНКИ” и Друштво за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „ИНВОКА ГРОУП” ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на различни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила, посочуваат од Владата.

Напоменуваат дека предвидениот буџет за проектот од осум милиони денари е намален на околу пет милиони заради повеќето учесници, односно надавањето на три компании.

Извршено е и тестирање на софтверот при што, како што наведуваат од Владата, констатирано е дека тој е целосно функционален и ефикасен, а за тестирањето на софтверот имало претходни известувања од службите на Генералниот секретаријат на Владата до Министерството за внатрешни работи односно до Бирото за јавна безбедност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот