Софија „натиска“, ама не дава да плачеме!?

Фото : Архива - Екатерина Захариева

Како што се приближуваат изборите во Бугарија, така се вжештуваат и изјавите на бугарските политичари, според кои во Македонија не смее да постои емотивна реакција на нивната уценувачка политика – по европратеникот Андреј Ковачев, вчера и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева реагираше на изјавата на премиерот Зоран Заев со оценка дека „односите се затегнати и сите треба да ги смириме емоциите“.

Според аналитичарите, македонскиот државен врв добро и одмерено се држи кон навредливата политика на источниот сосед и така треба да продолжи, а очекувањата се дека по нивните избори во април е можен исчекор.

Премиерот Заев во понеделникот рече дека Бугарија со блокадата на Македонија кон ЕУ зазела „не баш пријателска позиција“, нивниот став кон македонскиот јазик и идентитет го оцени како „анахрон“ и спротивен на меѓународното право и нагласи дека очекува решение по изборите.  Захариева вчера му одговори дека „ова е уште еден пример дека треба да бидеме поумерени во употребата на епитети“.

– Принципиелно ли е да воспитуваш генерации по генерации со омраза кон соседната држава и целиот нејзин народ? Дали е многу принципиелно да се обидуваш да ја искривиш позицијата на Бугарија? Проблемот е дека се негува омраза кон Бугарите, дека не се исполнува Договорот за добрососедство. Не може во 21 век да продолжуваат овие форми на дискриминација – рече Захариева и повтори дека Бугарија сака да ја види Македонија во ЕУ.

– Тоа што сите нѐ прашуваат е зошто да не започнат преговори, а во самиот преговарачки процес да се решат проблемите? Само што не може сѐ да се решат за еден ден, емотивни се. Ние сакавме неколку чекори пред процесот за одобрување за ЕУ – рече Захариева за бугарската Нова ТВ.

Завчера, пак, европратеникот Ковачев му порача на Заев да не се надева на преговори и компромиси „со толку обвинувања, лаги и омраза кон Бугарија“ и ја потенцираше надмоќта на неговата земја како членка на ЕУ над Македонија како земја кандидат.

Аналитичарот и претседател на организацијата Евроатлански совет на Македонија Исмет Рамадани смета дека нашиот пристап кон Бугарија е логичен, а бугарскиот кон нас е нелогичен и неприфатлив.

– Нашиот одговор на бугарската политика е со евроатлански стандарди и таков треба да остане. Ние добиваме поддршка од ЕУ и од САД за нашето однесување и за нашата политика, која се покажа како позрела од политиката на една членка на Унијата. Може да покажеме и разбирање за нивниот предизборен период и кампањата што се води, но, бугарските политичари треба да се коригираат. Ние треба да опстоиме на нашиот начин на водење на политика кон Бугарија и на дневно ниво и во перспектива и да ја следиме поддршката што ја добиваме од САД и од ЕУ, со тоа што секако во едно догледно време Македонија ќе ги добие заслужените преговори – вели Рамадани за „Слободен печат“.

Додава дека е нормално што позициите на Бугарија кои навлегуваат во идентитетот будат емоции и кај политичарите и кај граѓаните, а потоа претеруваат со реакциите на добиените одговори.

– Тие задираат длабоко во некои прашања како јазикот и идентитетот на граѓаните и што е многу, многу е. Според нивното гледиште, премиерот Заев излегува виновен што го брани она што е најсветото и најбитното за народот, а тоа е идентитетот и јазикот – вели Рамадани.

Скопје да се откаже во ОН од „малцински претензии“!?

Поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија Даниел Митов смета дека следната година е можен компромис меѓу Македонија и Бугарија, но „за тоа е неопходен јасен дипломатски чекор за клучните прашања од македонска страна во Светската организација“.

– Скопје не само што преку својот премиер треба да декларира дека нема никакви територијални и малцински претензии кон Бугарија, туку и да направи дипломатски демарш во таа насока. Каде? На пример, во ООН – рече Митов во интервју за ТВ Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот