Софија ќе го „умре“ Берлинскиот процес

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Берлинскиот процес базично е дизјаниран да го доближи Балканскиот регион до ЕУ. Бугарија како земја членка и претседавач имаше особена задача тоа да го имплементира во перииодот до нејзиното претседавање. Но, таа се фокусираше само на себе си и на своите историски дубиози кон Македонија, прикажувајќи ги како „заложник„ за добрососедските односи со тоа сакајќи да им даде европски белег.

Но во Софија на самитот остана горчливиот вкус кај сите учесници дека Бугарија не си ја завршила домашната задача и дека токму нејзиниот билатерален проблем домнира како тема и се заканува да го дезавуира целиот Берлински процес и идејата за проширување на Унијата на начин на кој тоа досега се одвиваше.

Тешко и е на Бугарија да се прекрши и да и даде зелено светло на Македонија на патот кон ЕУ. Ако сега се согласи на тоа, таа ќе мора да се откаже од се за што со децении се залагала, а што нам ни е познато како здодевна флоскула за„ Еден народ“. Таа смета дека со тоа би се откажала од сопствената историја, но всушност само би расчистила со стекнатата заблуда и пропаганда според која живееле Бугарите досега. Ништо друго не би изгубиле.
Но ако продолжат со истиот однос на само залажување, не само што нема да ја „исправат“ историјата на Македонците по бугарски терк, туку ќе им ја закопаат и европската иднина. И не само тоа, туку ќе си ја загрозат и сопствената европска позиција., а на Европа ќе и донесат срам дека е неспособна да си ги решава сопствените поставени принципи.

Се чини дека ако Македонија сега „не пројде“ во приближувањето до ЕУ, нема да биде зачудувачки ако ЕУ, соочена со нефункционалноста на Западен Балкан во кој географски спаѓа и Бугарија, не се наврати на Макроновата идеја за „Европа на концентрични кругови“ или „Европа со две брзини“. Во една таква поставеност на Унијата, Бугарија ваква каква што е, сигурно нема да биде во „јадрото“ на Унијата, туку ќе остане со нас на нејзината периферија.

Најдоброто што може да и се случи е да влезе во инцијативата на Заев и Вучиќ во т.н. Мини Шенген. Берлинскиот процес веројатно требаше да биде само подотворање на таа врата. За неа „големиот“ европски Шенген и натаму ќе остане само сон, исто како и евро зоната. Таа ќе остане во Унијата, но ќе биде втора класа членка од проблематичниот Балкан. Отфрлена од земјите кои не се знае зошто некогаш и ја примиле. Таа за нив е само потсетување на најлошто од Балканот, негов типчен претставник. (Да можат да бираат во овој момент би ја замениле за Македонија. Далеку поевропска и поразбрана држава, патем помала, што значи и поевтина).

Но што е тука е. Дипломатските напори за отпочнување преговори со Македонија продолжуваат, а со тоа и надежите остануваат живи. Но во меѓувреме заклучоците од Софискиот самит водат кон создавање регионален пазар што само по себе не е лоша идеја, но е враќање на ЦЕФТА.

Едно од можеби подобрите излезните решенија  според познатиот директор на Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус, беше уште пред една година ЕУ да им понуди на сите држави од Западен Балкан можност да се приклучат на единствениот европски пазар, како Норвешка или Исланд. Или познат како Норвешки модел.

„Косовскиот пасош во ЕЕП би имал иста вредност како и норвешкиот, а српската ракија од слива би имала ист пристап на европскиот пазар како швајцарското бренди”, пишуваше косовскиот публицист Ветон Суриј за весникот „Коха диторе”. „Белгискиот инвеститор би имал иста правна сигурност во БиХ, Албанија и во С. Македонија како на Исланд.”
„Тоа никако не е губитнички модел за Балканот”, вели и новинарот Андреас Ернст. „Подобро во кус рок да се направат интеграциски чекори отколку да се надеваат на влез во ЕУ за 10 или 20 години.”
Норвешкиот модел ќе им овозможи на земјите од регионот да бидат дел од внатрешниот пазар на ЕУ, што се реализира преку четирите основни слободи, слободното движење на стоки, услуги, лица и капитал. Ова ќе ги отстрани физичките, фискалните и техничките бариери за земјите во регионот.
Покрај тоа, земјите од Балканот исто така ќе бидат вклучени во регионалната политика на ЕУ, спроведувана преку структурни фондови, сметаат заговорниците на овој модел.

Дотогаш останува шансата да профункционира разумот кај Бугарските власти. Имаат рок уште една недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот