Софија и Скопје полека ја враќаат довербата

Колаж: „Слободен печат“

Акцискиот план со кој треба да се врати довербата меѓу Македонија и Бугарија дека ќе се спроведува Договорот за добрососедство од 2017 година се очекува наскоро да биде усогласен и усвоен од двете земји на втората меѓувладина конференција, што овојпат треба да се одржи во Скопје.

Од Министерството за надворешни работи, освен информацијата дека се во постојана комуникација со бугарската страна, не соопштуваат детаљи каков одговор ќе им испратат на забелешките што минатиот месец официјална Софија ги упати на македонскиот предлог-план. Од МНР не откриваат ниту во каква процедура ќе биде усвоен овој билатерален меѓународен документ кој се подготвува веќе два месеци, по декемвриското бугарско вето, ниту одговараат на прашањето на „Слободен печат“ кога ќе ги достават бараните документи во Собранието за да може да се закаже седницата на Комисијата за надворешни работи на која ќе се дискутира за преговорите со Бугарија.

Според она што досега е познато, Македонија со планот предлага конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8 и зголемена соработка во образованието, енергетиката, културата, економијата, медиумите, информатичкото општество и сл, а Бугарија во својот одговор, како што соопшти претседателот Стрево Пендаровски, повторно ги доставила нивните забелешки за идентитетските белези на македонската нација, иако македонската страна воопшто не сака да разговара за тоа.

Османи: Бугарија не го спори идентитетот, туку историјата

Министерот за надворешни работи Бујар Османи викендов повтори дека Бугарија не ги спори идентитетските атрибути на Македонците, туку историјата. Според него, нема потреба од страв затоа што никој не може да го оспорува македонскиот јазик и идентитет и тоа го разјасниле со бугарските колеги по серијата средби во изминатиот период.

– Ова е добра појдовна основа да се продолжи понатаму. Успеавме тоа да го разјасниме преку сѐ почестите и појасни позиции на Бугарија дека немаат право да спорат, затоа што тоа се права на државите кои произлегуваат од фундаменталното право на самоопределување. Државите познаваат држави и после државите сами одлучуваат на кој јазик зборуваат, како се нарекуваат и важно е тоа да го зацврстуваме за да не отвориме дебата понатаму – рече Османи.

Тој развојот на односите со источниот сосед го гледа исклучиво преку спроведување на Договорот за добрососедство.

– Треба да се создаде предвидливост и да се врати довербата во тој договор. Секое излегување од таа рамка е враќање во состојбата пред договорот, кога немаше никаква предвидливост во нашите односи. За жал, и поради објективни и субјективни фактори се изгуби довербата дека тој договор ги испорачува резултатите – вели Османи.

Деновиве излегоа информации дека е можно и во текот на овој месец да биде усогласен Акцискиот план за враќање на довербата во Договорот, но тоа засега е неизвесно. Претходно се очекува и пратениците да бидат запознаени со детали од разговорите, на што опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира веќе неколку месеци, но засега нема можност да се закаже седница на Комисијата за надворешни работи, затоа што МНР уште не ги доставило бараните материјали. Ставот на премиерот Зоран Заев беше дека опозицијата е неконструктивна и дека нема да дозволи да се прави спектакл на оваа тема, но минатиот месец најави дека пратениците во Комисијата ќе бидат информирани „за деталите од размената на идеи меѓу работните групи и министрите за надворешни работи на С. Македонија и Бугарија, за нонпејперот, нашето последно размислување кон соседната земја, но и нивната реакција која следеше како одоговор на нашиот Акциски план“.

МРТВ и БНТ заедно ќе снимаат

Специјалниот претставник на македонската Влада во Бугарија Владо Бучковски викендов најави дека уште три бугарски приватни телевизии побарале да емитуваат програма во Македонија, но и дека МРТВ и Бугарската национална телевизија ќе имаат заедничка продукција.

– „МаксТВ“ на Телеком ќе ја реемитува БНТ4 како дел од балканскиот пакет од 1 март. Во исто време еден од каналите на Македонската радиотелевизија, сателитскиот канал, ќе се реемитува преку бугарските оператори. Имаме уште три барања за влез на бугарски приватни телевизии, ТВ Европа, ТВ Блумберг и Велнес ТВ, но тие се проверуваат во моментов како би можеле да влезат во пакетот на „МаксТВ“. Истото ќе се направи и со неколку приватни национални телевизии за реемитување во Бугарија. МРТ и БНТ се пред потпишување на договор за размена на дописници и за размена на забавна и музичка програма. Ова треба да кулминира со создавање заедничка продукција во блиска иднина – рече Бучковски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Претходно директорот на МРТВ Марјан Цветковски најави дека ќе имаат свој дописник во Софија, а БНТ дописник во Скопје, кои ќе ги користат ресурсите на националните телевии, како сниматели. Националната новинска агенција МИА веќе има свој дописник од Софија, а се чека Бугарската телеграфска агенција (БТА) да испрати свој новинар.

– Инсистираме на што повеќе соработка затоа што проценивме дека 2020 година беше загубено време за двете земји. Големо внимание на полето на соработката ќе му се посвети и на ИТ секторот – рече Бучковски.

Од МИА вчера информираа дека на средба со раководството на БТА договориле да ја продлабочат соработката и со размена на познати новинари и влијателни личности кои ќе гостуваат во агенциите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот