Софија го осуди „говорот на омраза“ со свиркањето на химната, го нарече „антибугарска агресија во јавниот простор“

Македонија - Бугарија/ Фото EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Бугарското Министерство за надворешни работи попладнево соопшти дека „го осудува јавното сквернавење на бугарската химна на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Бугарија и Северна Македонија во Скопје”.

– Говорот на омраза против Бугарија и Бугарите од трибините на националниот стадион во Скопје претставува недвосмислено негирање на основните вредности на современите демократски општества и јасно е во спротивност со европските принципи и норми на однесување, наведува бугарското МНР.

Во соопштението се додева дека е „забележана реакцијата на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, со која се осудува говорот на омраза за време на фудбалскиот натпревар”, но истовремено се повикуваат властите во Скопје да преземат решителни чекори „за искоренување на антибугарската агресија на јавниот простор на државата”.

– Потсетуваме дека со Договорот од 2017 година и билатералните протоколи потпишани во 2019 и 2022 година, двете земји категорично се залагаат за преземање ефективни мерки против говорот на омраза. Одржувањето на напредокот постигнат во последните месеци во политичкиот дијалог бара ваквите настани засекогаш да станат дел од минатото. Само во тој дух двете земји ќе можат да отворат нова страница во односите, засновани на меѓусебно почитување и добрососедство, се додава во соопштението на бугарското МНР.

Македонското МНР уште осум часа пред реакцијата во Софија, во 10 часот утрово излезе со своја реакција, во која наведе дека упатува јавна реакција и осуда за „вчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија“, откако голем дел од навивачите на арената „Тодор Проески“ пред почетокот на средбата ја исвиркаа химната на Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот