Социопатска сајбер (флаш)машина

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Има сурија од патриотски хистерици што ме обвинуваат зошто ја поддржувам доминантната политика, па таквата работа ја користат за да се пресметаат со мене низ најгнасни зборови, а причината е само една: да ѝ напакостат на таквата политика и на премиерот Заев.

Избегнувам во моите текстови да пишувам „маниристички“ (читај, однесување на одредена група мажи и жени), ама немам поинаков начин освен да го објаснам феноменот преку личен пример, да се обидам да ја објаснам таа феноменологија на националистичкиот менталитет. Што значи, ќе се обидам низ личен пример да ги опишам „реалистичните факти на моето искуство“ за таквиот полусвет.

Имено, сѐ во животот може да пропадне, ама една работа секогаш е тука: никогаш не е доцна да станете националистички полусвет. Без разлика колку е тешко, мачно и нарушено – националистичкиот полусвет секогаш е тука за вас. Не ви треба ниту брада, мрсен брк, не ви треба ниту тетовирано знаме на Вергина: вие може да бидете националистички полусвет во цивилка.

Патриотски хистерици

Од друга страна, некои драги пријатели ме заебаваат, велејќи ми: стана славен, сега прифатија манијата на гонење. На тоа возвраќам: зарем не е тоа типично за сиот националистичкиот полусвет? Може ли да прецизираш? Зарем не мислите, така им велам на моите пријатели, дека националистите се појава на која копното им доаѓа во дофат со водената површина и, уште им реков, зарем мислите дека националистите имаат граница во себе?

Еве да се обидам низ пример: јас пишувам и зборувам. И што прави тоа од мене? Па, веројатно токму тоа: некој што ангажирано пишува и ангажирано зборува за Res publica (општо добро). За таквиот ангажман добив (чекајте, чекајте, ова мора да го слушнете): „говно од дното на септичката јама“; „тетраеб“; „странска курва“; „пи… продадена“; „јадник“; „леват“; и така натаму, од грдо погрдо. И ми порачуваат „да се еб..“ и „да цркнам“ (и тоа по неколкупати). Има и гласови што велат дека треба да бидам „протеран од кај што сум дошол“, оти веќе сум „ко изда тај је п..да“. А ако не сакам, тогаш претпоставувам на јавна сцена ќе настапи ритуално палење на вуду-кукла која има мој облик, а „вечниот оган“ не беше споменат, веројатно тој се подразбира.

Добро, море, Јовановиќ, за што сега зборуваш, и за што овде станува збор? Не е прашањето, другари, „кој сум јас“, дури на тоа прашање може многу лесно да се одговори. Да ве прашам, сакате кратка или долга верзија?

Еве ја кратката верзија: никој и ништо. Што, не ви е доволно, а? Во ред, еве ја долгата верзија: никој и ништо. Па, море, зошто тогаш не малтретираш со некои што се никој и ништо. Имате право, не е важно, ама е битно. Има сурија од патриотски хистерици кои ме обвинуваат зошто ја поддржувам доминантната политика, па таквата работа ја користат за да се пресметаат со мене низ најгнасни зборови, а причината е само една: да и напакостат на таквата политика и на премиерот Заев, а Заев овде го категоризираме како политика, а не како приватно лице.

Од друга страна, на тие мои зборови од кои се згрозени и затекнати, јас почнувам да се бранам и во самоодбрана да го аргументирам и објаснувам сето она кое ние го знаевме премногу добро. На таквото мое „парезијанско“ зборување се надоврзуваат и „угледни“ интелектуалци со „десен предзнак“, па дополнително ги шлајфуваат социјалните мрежи, стрелаат по мојата маленкост, велејќи:  „Тој Јовановиќ да се тргне (а зошто не и да се протера?) од медиумскиот простор“. И тука оваа будалеста приказна би можела да заврши. Или, можеби, сепак не?

Не вреди да се молчи

Има тука драги пријатели уште еден „твист“ и за тоа навистина не вреди да се молчи. Имено, во таа анонимна багра има нешто кое може да се нарече „интелектуално ништожно“, а од друга страна, да речеме дека ако некој го набљудува целото плукање и урлање од Марс може без претерување да констатира дека „тој Јовановиќ е врвен заебант“, пародичар и луциден циник. Односно, ако го набљудувате тоа плукање може да заклучите дека „тој Јовановиќ им го прави тоа што тие во едни минати времиња им го правеа на други“, приближно слично, само со многу поголем стил и со многу поголеми дози на аргументации, и многу поголема врска со реалноста. Уште попросто речено: „фикционалниот Јовановиќ“ фаќа еден битен момент, еден слој на една вистина која предолго се чува како тајна. Опозиционите медиумски работници баеги метастазирале во агресивна таблоидизација, лансирани рампи за сајбер-линчување. И најблаго кажано, отворени се за секаков вид напад, клевета и навреда упатена кон кого било што во тој момент ќе биде маркиран за потенцијална жртва.

Техниката на стрелање е следна: најпрво ќе те фати некој од редакцискиот „персонал“, те втерува во гомна како масло кое црцори сред бел ден, а потоа ќе те препушти на анонимната сајбер-линчувачка-багра, која потоа со денови те ждере како глушец фатен за „цркотина“.

Знам за што зборувам. Лично последните месеци поминав низ таа социопатска „фла(ј)ш“ машина и тоа по неколкупати, а некои други луѓе поминаа и порано, и многу повеќе, и многу погрозно од мене. Колку за илустрација: јас на сите тие опскурни портали разбирав дека сум „големо гомно“, „Заевиот дупевовлекувач“, разбрав дека сум и „продадена душа“, и „пи…тина“ и уште сешто, и ова се најблагите зборови што ги добив и со кои сум почестен. Патриот и националистички полусвет се уште не сум бил, ама кој знае, има уште време.

А, ако сум „продадена душа“ зошто воопшто постојам и што воопшто барам во јавниот простор ако работам за мизерни пари за својата работа, па затоа нема причина да биде некој друг тоа – заради истите ебени причини! И што ќе правиме сега? Ништо, фати утро, а јас мора да го предадам овој текст, па да полегнеме. Јас имам свои убедувања и немам намера од тоа да отстапам, ама самиот линч што е наменет за многу луѓе како мене, тоа хистерично секташење и таа искомплексирана омраза, претставува еден вид „поетика“ која е (со)креирана за да може да црпи непоткрепен и таканаречен „политички легитимитет“.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот