Социолозите бараат да се сменат учебниците: Веќе не ги задоволуваат образовните потреби и барања

Педагошки е неоправдано и недозволиво, сметаат тие, наставни програми за Социологија и Граѓанско образование од 2002 година  сè уште да се применуваат во наставата зашто веќе не ги задоволуваат образовните потреби и барања.

Здружението на социолози на Република Македонија неколку години иницира менување и осовременување на наставните програми по Социологија и Граѓанско образование. Реакциите што јавноста ги искажува на социјалните мрежи според нив е нерелевантно дебатирање, но донекаде ги сметаат и оправдани зашто во учебници од пред  18 години очекувано е да има застарени теми и стереотипи.

Педагошки е неоправдано и недозволиво, сметаат тие, наставни програми за Социологија и Граѓанско образование од 2002 година  сè уште да се применуваат во наставата зашто веќе не ги задоволуваат образовните потреби и барања.

Институтот за социологија на Филозофскиот факултет и Здружението на социолози на Република Македонија денеска организираа научна расправа за учебниците по овие предмети во средното образование и апелираа да се промени начинот и методологијата на кои се прават програмите.

Присуствуваа и авторите на учебникот Социологија за втора година реформирано гимназиско образование од 2002 година, кој пред два месеца предизвика реакции во јавноста откако увиде дел од текстот во кој пишува дека жената што е затворена дома нема јавни улоги и нема можност да прави кривични дела.

Проф. Милева Ѓуроска, коавтор на овој учебник, изјави дека е правен по стара методологија и стар начин на пишување и бил прв учебник напишан во транзицискиот период, по оние што кореспондирале со стариот систем. За конкретниот дел биле преземени анализи од книги на социолози од САД.

-Сè уште е тој солиден учебник, базиран на странска и на домашна литература. На крајот на тој учебник има цела тема која ја разработува родовата рамноправност. Еден цел дел се суспендира од учебникот, се вади делче кое се става на Фејсбук и се донесуваат констатации, рече Ѓуроска, според која начинот на кој се водела дискусијата на социјалните мрежи  излегла од рамките во кои тие можеле да учествуваат и не можеле да дискутираат за цел учебник врз база на делче што е извадено од контекст.

Коавторот Зоран Матевски праша зошто граѓанските здруженија што реагирале по дојава на загрижен родител не го анализирале учебникот 18 години за да кажат евентуални проблематични делови. Бирото за развој на образованието им укажало на забелешки за овој учебник кои, рече Матевски, се до 5 проценти – треба да се коригираат делот за жената и уште еден дел во кој треба, како што рече, да биде „видлива” ЛГБТ-заедницата  која во времето кога е пишуван учебникот не била видлива.

-И сега, овој учебник кој е сменет само 3-4 отсто, ќе оди уште десет години. Мора да се напише нов учебник по Социологија и по сите предмети во средно образование, зашто вака е тотално несериозно. Нормално е дека ќе има вакви елементи кои уште ако се извадат од контекст прават проблем. Сега да го пишувам, би напишал друг текст, заштои некои работи што биле криминални во минатото, сега не се. На пример, сексуалните работнички сега ги третираме како луѓе што не треба да ги дискриминирате, а ние кога го пишувавме учебникот, тие со комбиња беа носени во полициски станици, изјави Матевски.

Претседателот на Здружението на социолози Константин Миноски рече дека од 2013 постојано упатуваат барања до МОН да се осовременат наставните планови, но не добивале одговори. Во Бирото за развој на образованието бараат да се вработи советник за социологија кој во БРО го нема десет години.

-Првичните концепции за Граѓанско образование беа дека ќе го предаваат социолозите. Но така се изменија работите, што сега кој стаса предава. Тоа се гледа во намалување на квалитетот и на знаењето на наставниците. Ние секоја година организираме натпревари за учениците за Социологијаи за Граѓанско образование. Не само што се намалува интересот, туку гледаме дека постојано опаѓа и квалитетот, рече Миноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот