Социјални поволности за возрасното население во Скопје

скопје луѓе пензионери клупа плоштад
Пензионери во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Години наназад пред пандемијата, пензионерите беа „миленичиња“ на градските управи, па добиваа низа бенефиции како обезбеден бесплатен градски превоз или месечна карта со повластена тарифа. За да се избегне ширењето на коронавирусот меѓу корисниците на јавниот превоз во главниот град, нивните повластици беа укинати минатата година како дел од пакетот рестриктивни мерки за заштита на населението од ковид-19.

Масовната вакцинација пак, која во најголем дел го покри возрасното население низ целата држава и дисциплината која се разви во последнава година од пандемијата и вклучува почитување на мерките за задолжително носење маска и држење дистанца во затворен простор, отвора можност повторно да се вратат „старите бенефиции“ на возрасното население па и некои нови.

Бесплатниот јавен превоз им беше ветен на скопјани од страна на независната кандидатка за градоначаник на Град Скопје, Данела Арсовска зад која застана коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, но тоа е само идеал кон кој целеле и многу поголеми, подобро организирани и помодерни градови во Европа, а сепак никогаш не го спровеле во пракса.

Од друга страна, актуелниот градоначалник Петре Шилегов и кандидат за реизбор на челното место во Град Скопје, излезе со пореална опција за неколку категории граѓани како што се пензионерите, лицата со попречености и лицата со ретки болести, кои би можеле да добијат социјални поволности и бенефицирани услуги од страна на Град Скопје во следните четири години.

Имено, Шилегов најави дека  досегашната мерката за бесплатен јавен превоз за пензионерите во вторник и петок ќе биде проширена, со што повеќе од 85 илјади пензионери ќе можат да ја користат оваа поволност секојдневно. На овој начин, покрај намалување на градскиот сообраќаен метеж, градот Скопје директно ќе придонесе кон заштеда на семејниот буџет на оваа важна категорија граѓани, а ќе овозможи побезбедно патување имајќи ги предвид безбедносните мерки против ковид-19, што директно ги засега повозрасните граѓани кои се ризична категорија.

Вака предвидените мерки кои ги презентираше Шилегов се во насока на унапредување на социјалната грижа за ранливите категории на граѓани, заштита на нивното здравје и финансиски олеснувања со цел полесно и подобро функционирање и обезбедување повисок квалитет на живот.

Она што дополнително се нуди како грижа и заштита на здравјето на граѓаните од трето доба и лицата со попречености е и прилагодување на инфраструктурата во градот, па за овие групи граѓани Град Скопје ќе овозможи бесплатен, ефикасен и безбеден медицински транспорт до сите здравствени институции, со што ќе ги зголеми нивната самостојност и независно функционирање како и полесно извршување на секојдневните обврски.

Предвидени се и социјални поволности и за лицата со ретки болести како ранлива категорија, но и за лицата кои се нивна придружба при упатувањето до здравствените центри и институции за примање на својата редовна терапија. Со ова, Градот директно ќе придонесе за олеснување на нивните месечни издатоци, ветува Шилегов.

Во предизборната кампања, од другите противкандидати речиси воопшто не се слушнаа опции за решавањето на проблемите на лицата во социјален ризик и медицински ризик, па токму грижата за старите лица, лицата со попречености и лицата со ретки болести може да направи разлика меѓу кандидатите на денот на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот