Собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ да заседава за случајот „Онишченко”, повикува Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја повика собраниската Комисија за надзор на работата над Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за случајот „Онишченко” конечно да да заседава за овој случај, а Министерството за внатрешни работи што побрзо да ја заврши истрагата во однос на тоа како се случи затворена седница на парламентарна Комисија да биде пренесувана во живо.

– Сакам да ја повикам собраниската Комисија конечно да седне и да заседава за овој случај бидејќи гледам дека има еден обид којшто беше за мене прилично лошо организиран и исто така МВР треба што побрзо да ја заврши истрагата во однос на тоа како се случи затворена седница на парламентарна Комисија да биде пренесувана во живо. Меѓутоа за се тоа што се однесува на Собранието јас навистина не можам да сугерирам и не можам да учествувам во носење на одлуки таму бидејќи Собранието е законодавна власт, нагласи Ковачевски одговарајќи на прашање при денешната посета на фабриката „Брилијант” во Штип.

Тој потсети дека Владата на својата затворена седница донесе заклучок со којшто ги задолжи релевантните институции во државата да отпочнат активности за одземање на доделеното државјанство на Олександер Онишченко

Постапката, како што појасни, ќе биде врз основа на законските прописи коишто се пропишани и штом ќе биде спроведена, односно кога ќе бидат направени активностите тогаш релевантните институции ќе можат за тоа да информираат.

– Инаку, на таа затворена седница се разговараше за голем број на детали. Со оглед на тоа дека знаете дека одлуката на Влада е донесена врз основа на сите позитивни мислења од сите институции коишто треба да дадат мислење, информациите биле споделени од страна на директорот на АНБ. Јас за нив не можам да споделам информации бидејќи се работи за затворена седница на Влада и споделување на информации од такви седници е тешко казниво дело со закон, со затвор од една до пет години, рече Ковачевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот