Собраниска седница: Вториот ребаланс на Буџетот до крај на денот

Фото: mia.mk

Собранието се очекува до крајот на денот да го донесе Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2020 година, односно вториот ребаланс за годинава. Пратениците од опозицијата и од владеачкото мнозинство се влезени во завршна фаза на расправа за ребалансот на Буџетот за спротивставување на ставовите во однос на економијата во ситуација на пораст на бројот на болните од ковид-19, како и начинот како земјата да се справи со тоа.

Владо Мисајловски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, ги отфрли тврдењата на владеачката СДСМ дека опозицијата пет дена го кочи носењето на реблансот на Буџетот, а со тоа и четвртиот сет мерки за справување со коронавирусот. Мисајловски истакна дека тие како опозиција имаат право да ги кажат своите ставови и дека биле конструктивни. Дебатата на Комисијата за финансирање беше скратена од 10 на седум дена во договор со опозицијата.

– За сè ја обвинувате опозцијата, за корона, за Буџет…, рече тој.

Пратеникот Мисајловски го критикуваше справувањето со коронакризата и рече дека не треба да се игнорира опозицијата која е подготвена да помогне доколку власта го побара тoa од неа. Посочи дека ситуацијата е хаотична и оти власта нема предвидливост во ниту една област.

– Вие велите за коронакризата има пари, но не е така. На пример, за инфраструктура нема пари, но има за министри, за нивни родители, за роднини. Во оваа држава сè е наопаку. Институциите се на апарати за дишење, нема пари за плати, нема пари за ништо. Здравство едвај функционира. Жално е што вие како пратеници од власта правите политикантство и тоа го правите дури и сега во оваа коронакриза. Незрело е однесувањето на вашиот министер Венко Филипче. Со вакви политики од министер кој плука по сите, тоа е срамно за државата, рече Мисајловски.

Костадин Костадинов од СДСМ, реплицирајќи му на Мисајловски, рече дека во Собранието е потребно конструктивност и оти треба да се разговара отворено за сè.

– И да имаме јасно изградени ставови затоа што се работи и станува збор за две спротиставени страни. Токму заради таа конструктивност бевте и вие дел од Комисијата за финансирање и буџет, во моменти кога колеги од ВМРО-ДПМНЕ беа оправдано отсустни, јас ги образложував нивните амандмани. Но, не можам да толерирам непознавање, предлагање на амандмани кои се веќе во завршна фаза на реализација, за проекти кои веќе постојат, за кои СДСМ мислел порано од вас. За дел од нив апсолутно сте во право и беа поддржани од мнозинството, рече Костадинов.

На седницата на Комисијата за финансирање и буџет беа прифатени девет амандмани предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во контекст на обвинувањата за оддолжување на расправата за ребалансот на Буџетот објасни дека амандманската расправа заврши на 22 октомври, седмиот ден, на 23 беше државен празник, но Собранието го врати Буџетот во Владата, која, пак, во предвидениот рок подготви дополнителен текст и го проследи до Собранието на 26 октомври.

– Според Деловникот од моментот кога ќе се врати Предлог-буџетот, не пократко од три дена, треба да се најде на седница. На 29-ти овој ребаланс се најде на пленарна седница и ние почнавме расправа, а денеска е петтиот ден, појасни Џафери.

Владата, рече тој, навреме го вратила ребалансот на Буџетот во Собранието.

Во ребалансот, според власта, се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот