Собраниска расправа за заменици министри: Јанушев прејудицира „локдаун“, Заев вели „немаме намера да затвораме“

Собранието попладнево ја продолжи седницата на која пратениците расправата за избор на заменици министри во Владата. Во дискусиите, пратениците од опозицијата истакнаа резервираност за капацитетот на Владата за претстојниот период, бидејќи, според нив, и во минатиот мандат не направила ништо за доброто на граѓаните, иако многу ветувала.

И претходната Влада ветуваше се и сешто, рече Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, но сработи повеќе  криминал, корупција, распродажба.

– Ова е Влада во обид. Еден месец оваа нова Влада не предложи ниту една мерка за подобар живот на граѓаните. Прва мерка што ќе ја предложат веројатно ќе биде „локдаун”, иако тоа сега не сакаат да го кажат тоа, ќе го направат за некој ден или некоја недела. Тоа ќе значи буквално уништување на државата, рече Јанушев.

Тој имаше забелешки и на биографиите на предложените 16 лица за заменици министри, истакнувајќи дека голем дел од нив немаат компетенции за функциите за кои се предложени.

На ова реагираше премиерот Зоран Заев, кој рече дека не може пратеникот да се затскрива зад собраниската говорница и да вели дека ова е мафијашка влада, да обвинува за криминал и корупција без докази и оти ако имаат некави индиции треба да поднесат кривични пријави.

Во врска со забелешките за тоа кој од која позиција доаѓа на функцијата заменик министер, премиерот истакна дека не е забрането било кој од претходно место каде работел да дојде на висока функција.

Тој реагираше и на тврдењето дека Владата спрема затворање на земјата поради влошување на состојбата со пандемијата.

– Ние немаме намера да правиме „локдаун”. Јас, министерот за здравство и другите министри неколку пати кажуваме дека никој не сака да ги затвора граѓаните, економијата, објектите. Но, должност е да предупредиме дека мерките за лична заштита и заштита на сите околу нас мора да се почитуваат кога гледаме дека бројките растат. Не е одговорно однесување вака да прејудицирате. На крајот на краиштата има здравствена и експерска струка, иако ниту таа сака да предлага мерки на затворање. Тоа не е од ничија полза да бидеме повторно затворени дома или да бидат затворени економските субјектите. Тоа може да се избегне доколку се почитуваат мерките, рече премиерот Заев.

Според листата доставена од Владата до Собранието, за заменик-министер за одбрана е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда Агим Нухиу.

Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство.  Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот