Собраниска ферија: Европското знаменце не им помогна на должниците, на тутунарите и на екологистите

Собрание, седница/Фото: МИА

Во деновите пред продолжениот викенд за 2 Август, пратениците успеаја да дадат зелено светло за ребалансот, а последна закажана седница за в петок е за пратенички прашања

Усвојувањето на законите за материјално обезбедување на стечајците, за финансиска поддршка за откупот на тутунот од ланската реколта, за отпис на камати и репрограмирање долгови, за еколошка такса, ќе го чека септември.

Во деновите пред продолжениот викенд за 2 Август, пратениците успеаја да го усвојат ребалансот, а последна закажана седница за в петок е за пратенички прашања.

Ако Левица ја реализира заканата и поднесе илјадници амандмани за законот за државјанство, сите економски закони, но и другите ќе паузираат.

Владата го пушти во Собранието законот за отпис на каматите, а со оваа мерка се очекува да се опфатат 150 илјади граѓани. Откако ќе добие виза во законодавниот дом, обврска на јавните претпријатија и на УЈП ќе биде во рок од три месеци да го утврдат списокот на должници, а потоа во рок од 15 дена да склучат договори со граѓаните за репрограмирање.

-Не мора граѓаните да чекаат граѓаните да чекаат 90 дена кога ќе се донесе Законот и се објави со Службен весник може сами да се обратат – рече неодамна премиерот Зоран Заев.

Граѓаните што ќе склучат договор, ќе треба да ги плаќаат ратите навремено во согласност со договорот, оти во спротивно ќе се вратат каматите за направениот долг. Отпис на долгови ќе има за неплатени сметки за вода, канализација, данок на имот и слично, но не и за сметките за струја, телефон, бидејќи тие се приватни компании.

Нема анализа колкава е вкупната висина на камати која се планира да се отпише, ниту за тоа колку е вкупниот долг кон јавните претпријатија. Овој закон, беше вклучен во петтиот пакет мерки најавен во ноември лани и според него, репрограмирањето на главниот долг на 12 рати и негова отплата би почнале од 1 јануари 2022 година.

Од денот на влегување во сила на законот, ќе се прекине извршувањето на решенијата за присилна наплата и решенијата за одложено плаќање на даночен долг и преземањето на дејствија за наплата на долг. Ќе престане и пресметката на каматата за задоцнето плаќање согласно Законот за даночна постапка. Во законот се предвидени глоби од 100 до 500 евра за раководните лица во државните органи за прекршок, доколку не постапат според законот во предвидениот рок.

И измените на Законот за животна средина, со кои енормно се зголемува еколошката такса за горивата, добија европско знаменце, ама уште чекаат на усвојување. Според проекциите на економскиот институт „Фајнанстинк“, еколошката такса од 3,5 денари, која заедно со ДДВ изнесува 4,13 денари, во просек би зафатила 6,2 процента од вредноста на литар гориво, ќе влијае на инфлацијата и краткорочно и долгорочно.

Во Собранието чека и Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од пандемијата врз производството на тутун, според кој за тутунарите се предвидени 307,5 милиони денари, средства со кои, покрај веќе исплатените субвенции, ќе се постигне, просечна цена од над 180 денари за килограм тутун.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот