Собранието се деблокира, утре собраниски седници

Фото: mia.mk

По речиси еден месец, утре во Собранието ќе се одржат четири продолжувања на собраниски седници. На седниците број 21, 22, 25 и 26 се поднесени неколку закони од владејачкото мнозинство, но и од опозицијата. На 21 седница се Предлог – законите за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, за изменување на Законот за поштенските услуги и за дополнување на Законот за заштита на населението од Заразни болести. Последниот е поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и со него се бара формирање посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието. Сметаат дека постојната Комисија за заразни болести не се справува добро со коронавирусот.

– Оваа комисија би била стручно и независно тело кое ќе носи објективни одлуки, со цел справување со пандемии или епидемии и мандатот ќе им трае додека траат заразите, а ќе биде составена од професионалци. Се предлага составот на Комисијата кој ќе го избира собранието со мнозинство гласови да биде по предлог на Владата. Комисијата е составена од 11 члена, во која по функција членуваат министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 би биле, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, и по еден имунолог и интернист.

На 22 седница, пратениците ќе ги разгледуваат Предлог на законите за остварување на јавниот интерес во културата. На оваа седница е и Предлог на Деловникот за дополнувања на Деловникот, поднесен од собранискиот спикер Талат Џафери. Со над 3.000 поднесени амандмани од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијансата и Алтернатива, блокирана е работата на Мандатно – имунитетната комисија. Со тоа пропадна обидот да почне расправата за измена на собранискиот Деловник со кој треба да се отвори можноста за онлајн работа и дискусии на пратениците коишто се заразени или се во изолација поради ковид-19, коишто ги предложи собранскиот спикер, Талат Џафери. Со овие измени се предлага Собранието да може да работи и онлајн во време на коронавирусот

– Заради непреченост во работата на Собранието потребно е да се овозможи далечинска, односно електронска работа на пратениците со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела. За пратеникот кој не може да ја оствари својата функцијата поради здравствената состојба во која се наоѓа, а која преставува ризик за здравјето на останатите пратеници и поради која е спречен физички да присуствуваат на седниците на Собранието и на работните тела, со предложените дополнувања на деловникот се дава можност тоа да се реализира преку одржување на седници на далечина, пишува во предлог измените на собранискиот Деловник.

На 25 седница на дневен ред се три закони. Првиот е Предлог на закон за задолжување со заем кај Европската банка за обнова и развој за реализирање на „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Со него Македонија треба да се задолжи со 70 милиони евра за да се реализира проектот на Град Скопје, за подобрување на превозот и подобро движење на патниците.

На истата седница се и Предлог – законите за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, за преземање на административни службеници вработни преку к-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците , и за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија. Со Законот за државјанства, Алијансата и Алтернатива бараат наместо осум години престој, услов за државјантво да бидат само четири години, тројца сведоци да потврдат дека лицето во Македонија живеело и пред независноста, а може и со еден сведок ако тоа гили или па, сѐ уште е жител на местото на барателот, и наместо да го познава македонскиот јазик да се дефинира како „познавање на најмалку еден од службените јазици во државта, мислејќи на албанскиот јазик.

На 26 седница се останати уште четири Предлог – закони – за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и за контрола на опојни дроги и психотропни сусптанции.

Последен пат пленарна седница имаше на 3 февруари. Обидот за нова седница на 16 февруари пропадна поради отстуството на некоку пратеници од ДУИ. Неофицијалнно, имало внатрепартиска пресметка меѓу координаторот на пратеничката група на ДУИ Изет Меџити, подржан со дел од партиските високи функцонери го блокираше Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот