Собранието почна со дебатата за минималната плата

Собранието на Република Северна Македонија денеска во рамки на 116. седница ја започна дебатата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, по скратена постапка.

Пратениците најавија дека ќе гласаат за законот за минимална плата која треба да изнесува 14.500 денари, но опозицијата и покрај ставот дека ќе го поддржи законот изнесе забелешки. Претседателот на Собранието Талат Џафери ги предупреди пратениците да не ја користат говорницата за предизборна кампања, бидејќи изборите се уште не се распишани, а кампањата не е започната.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат законот, но сметаат дека тоа е популистичка мерка пред избори и оти не е објаснето како е стасано до сумата од 14.500 денари бидејќи не е приложена никаква анализа.

– Ќе го поддржиме и ќе го гласаме законот, но нашите забелешки се за периодот кога се носи, долгорочноста на ова законско решение базирано не само врз основа на наши проценки туку и на други институции кои го анализирале законското решение и целокупната економска состојба во државата и самата процедурата на носење, рече Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од опозицијата сметаат дека нема потреба ваквото законско решение да се носи по скратена постапка и дека голем дел од законите, иако во минатото имаше забелешки за тоа, во Собранието се носат по скратена постапка.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар рече дека за носење на овој Предлог-закон за минимална плата е дискутирано на Економско социјално совет и дека се консултирани сите засегнати страни.

Пратеничката Снежана Ванчевска Калевска од СДСМ рече дека зголемувањето на минималната плата е само продолжување на она што значи конзистетна политика на оваа власт, а тоа е вложување во човечкиот капитал што секако мора да започне и со покачување на минималната плата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митровски ги отфрли тврдењата дека станува збор за популистичка мерка на власта, имајќи предвид дека законското решение е поднесено на 5 ноември пред и воопшто да стане збор за предвремени избори.

– Рековме дека до крај на мандатот минималната плата ќе достигне 16.000 денари, а тоа ќе биде. Крајот на маднатот е крајот на декември 2020 година, рече Митровски.

Дебатата ќе продолжи по паузата во 15.00 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот