Собранието ќе гласа за Законот за јавно обвинителство, владата го достави

Независните вчера соопштија дека ќе го поддржат Законот, а во соопштението до јавноста освен што наведоа што договориле со власта, апелираа до ВМРО-ДПМНЕ, да дадат конструктивни и издржани амандмани.

Ќе има ли драма во Собранието за Законот за јавното обвинителство. Иако власта најави дека обезбедила доволен број на гласови за Законот да биде изгласан, сепак  досегашното искуство со овој пратенички состав покажаа дека нема да тече се така „мазно“. Неизвесноста ќе остане да лебди се до денот на гласањето во среда поради притисоците врз пратениците кои одлучиле да гласаат за законот, велат собраниски извори за „Слободен печат“.

Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно 6 од 8 -те пратеници, најавија дека ќе дадат поддршка на Законот. Останува јавноста да види дали партијата на Мицковски ќе го блокира законот со амандмани, како што направи многупати досега. Последниот закон кој го блокираше со над 1.000 амандмани беше Законот за Агенцијата за разузнавање.

Владата синоќа закажа седница и нешто после полноќ го усвои законот. Собранието законот ќе го носи со европско знаменце и со двотретинско мнозинство. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ваквото носење на законот за кој имаа бројни забелешки е насилничко. Вчера „Независните“ со соопштението до јавноста, освен што напишаа што договориле со власта, упатија и апел до ВМРО-ДПМНЕ.

-Апелираме ВМРО-ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржиме и во интерес на граѓаните да донесеме законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да и помогнеме на нашата држава во евроатлантските процеси, напишаа во соопштението „Независните“.

„Независните“ вчера соопштија дека ќе го поддржат Законот, се во интерес на граѓаните за носење на законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да и помогнеме на нашата држава во евроатлантските процеси. За договореното за Законот за јавното обвинителство Независните наведоа 9 точки.

Собранието на Република Северна Македонија до отпочнување на примената на овој закон (30.06.2020) ќе го усогласи кривичното законодавство со европските стандарди при што во преодните одредби ќе ги наведе броевите на членовите од новиот закон кои кореспондираат во членовите од кривичниот законик.

На својот Фејсбук профил лидерот на СДСМ, Зоран Заев напиша дека усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес кон нашата европска интеграција и аргумент плус за Европската Унија да донесе позитивни одлуки поврзани со почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Унијата.

– Она што е особено важно за сите наши граѓани, Законот ги овозможува неопходните услови за владеење на правото во нашата земја и за конечна и темелна изградба на правната држава. Низ разговорите, кон содржината на Предлог-законот беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се застапуваше и се избори Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со што се создаваат услови да се овозможи фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда, напиша Заев.

Според Заев, Законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази.

– Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме – во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите!, напиша Заев.

Очекувањата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски за распуштање на парламентот на 12 февруари  ќе се остварат.

– Очекувам во среда да биде распуштено македонското Собрание, како што беше договорено. Како што се договоривме на состанокот кај претседателот на државата Стево Пендаровски. Очекувам сите политичари да си стојат на договореното, изјави вчера во Кавадарци, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Се очекува Законот за јавното обвинителство да го поддржат Алијансата за Албанците, Беса и независните пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот