Собранието ја констатира оставката на Заев

Заев не ја образложи оставката пред пратениците, но во документот доставен до Парламентот наведе дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април.

Собранието на Република Северна Македонија денеска ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април.  Опозицијта со аплаузи го проследи говорот на собранискиот спикер Талат Џафери кога ја констатираше оставката. Се очекува до полноќ Собранието да ја изгласа техничката Влада, која ќе ја предводи Оливер Спасовски и која од утре, па во следните сто дена треба да ги организира изборите.

Заев не ја образложи оставката пред пратениците, но во документот доставен до Парламентот наведе дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека врз основа на член 219 став два од Деловникот очекувал Заев да ја образложи оставката.

– Денес е денот кога Македонија и македонскиот народ ќе се ослободат од најнеспособната, најкорумпираната и најкриминалната влада. Денес е денот кога Македонија ќе се ослободи од премиер на кој лагата му е второ име, кој од државата направи криминално дувло и не функционира. По 2 години и 7 месеци од ветувањата нема ништо. Денес Зоран Заев не сака ни да ја образложи оставката со што докажува дека и тој е свесен за штетата која и ја нанесе на Македонија. Доаѓа време кога Македонија ќе биде повторно обновена од власт која македонскиот народ ќе ја одбере. Денеска е крајот на политичари со свиткани кичми. Падна Катица, падна Заев, а на 12 април ќе падне и оваа влада – рече Мицевски.

Претседателот на Собранието Џафери објасни дека Заев нема обврска да ја образложува својата оставка. И од СДСМ жестоко одговорија. Координаторот на пратеничката група Јован Митревски рече дека, не му се верува во она што го зборува Мицевски.

– Знам дека се плашите но дека тоа толку јавно ќе го признаете својот страв, не можам да поверувам. Таква ви е судбината. Зоран Заев е претседател на СДСМ и таа е вашата судбина од која нема бегање. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ, се уште не може да ја научи лекцијата и од изминатите години и од пред неколку дена. Мислат дека со обични измислици и лаги и понатака ќе можат да манипулираат со својот народ. Македонските граѓани не се наивни, знаете и вие. Тие знаат со кого си имаат работа и за тоа се свесни. Свесни се дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ сеуште е директен извршител на наредбите на Никола Груевски. Вие од ВМРО-ДПМНЕ знаете дека не ви е важно ни правото ни правдата туку само заштита на криминалот и на партиските интереси. Денешниот ден е само најава на тоа што ќе се случува во иднина, на уште една победа предводена од Коалицијта предводена од Зоран Заев. Таа е најава за иднината на нашата држава дека ќе се движи напред, најава дека нашата дражава ќе биде европска Македонија, а не враќање назад на тоа што вие им го нудите на граѓаните – рече Митревски.

Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери претпладнево соопшти дека оставката на Заев ја доставил до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да му го врачи мандатот на Спасовски. Тој, пак, до Собранието треба да достави состав на новата техничка Влада и програма за работа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот