Собранието ја избра Соња Трифуновска за заменик на Народниот правобранител

Власта и опозицијата имаа спротивставени ставови за предлогот Трифуновска, дипломиран правник од Тетово, да биде заменик на Народниот правобранител.

Пратениците со 63 гласа „за”, осум „против” и без ниту еден воздржан попладнево во рамки на 130 седница ја избраа Соња Трифуновска за заменик на Народниот правобранител, која ќе работи во Скопје.

Власта и опозицијата имаа спротивставени ставови за предлогот Трифуновска, дипломиран правник од Тетово, да биде заменик на Народниот правобранител.

Координаторот на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека СДСМ сака и во институцијата Народен правобранител да инсталира свои кадри и да фрли дамка на работењето. Посочи дека Соња Трифуновска е член на Правната комисија на СДСМ и член на Форумот на жени на СДСМ. Обвини дека владеењето на правото е на најниско ниво и ги повика пратениците добро да размислат дали треба и во оваа институција да се дозволи целосна партизација.

Апелираше Соња Трифуновска да не биде избрана за заменик-народен правобранител и да се даде можност некое друго стручно лице да се јави на овој оглас и институцијата Народен правобранител да остане заштитник на правата на граѓаните.

Народниот правобранител Иџет Мемети посочи дека е негово правото да предлага заменици пред Собранието. Ги информираше пратениците дека од тројца кандидати, само двајца ги исполнувале условите, а еден од нив е Трифуновска.

Собранието попладнево во рамки на 130-тата седница изгласа закони од повеќе области. Пратениците дискутираа за Предлог – законот за изменување на Законот за јавните собири, во прво читање и заклучија дека е прифатлив и може да се даде на натамошно, односно второ читање. За овој Предлог-закон гласаа 51 пратеник, а немаше воздржани и против.

Со Законот за јавните собири се уредуваат начинот на остварување на правото на граѓаните на јавно собирање заради мирно изразување на мислење и јавен протест, како и случаите кога ќе се прекине одржувањето на јавен собир. Основната цел поради која се предлага изменување на Законот за јавните собири е усогласување на Законот за јавните собири со новиот Закон за прекршоците, во делот на прекршочните одредби, односно глобите.

Во предложениот закон се врши интервенција во членовите 9 и 10 од Законот за јавните собири во насока на намалување на глобите за физички лица, како и усогласување на глобите за правните лица и одговорните лица во правните лица (мали, микро, средни и макро трговци) со предвидените глоби  во новиот Закон за прекршоците и бришење на членот 10-в.

Пратениците расправаа и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронска трговија, Предлог-законот за изменување на Законот за таксата за привремен престој, Предлог-законот за изменување на Законот за угостителската дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за угостителската дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за индустриската сопственост, сите во прво читање.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев изрази жалење што ова парламентарно мнозинство во изминатите три години вкупно продуцираше 300 закони, а сега во две недели или за десетина или 20-тина дена нови 300 закони.

– Тоа кажува дека голем број закони не се подготвени онака како што треба. За голем број закони не е направена потребната анализа, за огромен број закони немаме направено компартивна анализа и за голем број закони во ова Собрание многу често не се води сметка и за последиците кои може да ги предизвикаат, рече Ѓорчев.

Собранието ќе продолжи со работа по дневниот ред на 130-та седница утре во 12:30 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот