Собирање потписи за референдум во Хрватска за заштита на куната како валута

Хрватски пари / Фото: Архива

Референдумската иницијатива „Да ја заштитиме хрватската куна” денеска почна да собира потписи на плоштадот Бан Јелашиќ во Загреб за распишување референдум, со кој, како што велат, сакаат да му овозможат на хрватскиот народ да одлучи за сопствената валута.

Потписи ќе се собираат на повеќе од 250 локации низ Хрватска, а граѓаните ќе се изјаснат дали сакаат Уставот да содржи одредба во која ќе биде наведено дека паричната единица на Република Хрватска е куната, која се дели на сто липи и дека одлуката за промена на паричната единица во Хрватска, гласачите ја носат на референдум, објави Хина.

– Го претставивме ова прашање пред еден месец, и во тие денови ниту еден правен или уставно-правен експерт не го критикуваше. Се подготвувавме долго време и веруваме дека тоа е направено конкретно и добро и не е спротивно на меѓународните договори кои Хрватска ги потпиша со Европската унија, изјави Марко Милановиќ Литре, претседател на организацискиот одбор и пратеник во Собранието од Хрватските суверени.

Тој очекува дека Уставниот суд ќе треба да го потврди тоа прашање кога ќе соберат доволен број потписи.

– Во овој момент се прави обид за насилно воведување на еврото, без да се испита јавното мислење на граѓаните и тоа сакаме да го промениме, истакна Милановиќ Литре.

Министерството за правда и администрација претходно денеска соопшти дека треба да се соберат 368.867 потписи за да се распише референдум „Да ја заштитиме хрватската куна”.

Извор: МИА 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот