Со забрани ќе се штити Охридско: Нема градење до 50 метри од езерото и повисоко од пет ката

Повеќе ништо нема да се гради на 50 метри од брегот на Охридското Езеро во неурбанизираниот дел од крајбрежјето, кој ќе спаѓа во првата заштитна зона, а строго ќе се внимава што се гради покрај брегот во урбанизираните делови на општините Охрид и Струга.

Изградбата на нови објекти и развој на населбите ќе биде дозволен само во втората и во третата зона на овие градови, но тие нема да бидат повисоки од три ката во втората зона, односно пет ката во третата зона, со максимална искористенот на градежната парцела до 50 отсто. Втората зона е зацртана околу старите јадра на Охрид и на Струга, а третата е во границите на опфатот на генералните урбанистички планови. Во старите градски јадра, кои се заштитени, новите објекти ќе се градат максимално до два ката.

Овие новини се предвидени во нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, кој на пошириоката јавност ќе и биде промовиран утре. Планот е прв стратешки документ за заштита на наследство од светски ранг што се носи во Македонија и во неговата изработка се вклучени низа државни и локални институции. Тој ги опфаќа сите закани што го загрозуваат природното и културното наследство во Охридско, неопходните мерки што ќе се преземат за да се исполнат препораките на УНЕСКО, како и сето управување со развојот на регионот во иднина – урбанизам, земјоделие, туризам итн.

Пред да биде усвоен, мора да биде испратен во Центарот за светско наследство при Обединетите Нации на проверка и одобрување и се очекува да стапи во сила најдоцна до јануари.

– Во февруари до УНЕСКО ќе го испратиме извештајот за напредокот во исполнувањето на нивните препораки и се надеваме дека на следниот самит во јули 2020 година во Кина ќе го задржиме статусот на Охридскиот регион како заштитено светско природно и културно наследство – рече министерот за дијаспора Едмонд Адеми, кој деновиве во Париз, каде беше заедно со охридскиот градоначалник Константин Георгиевски, се договорил еднаш месечно да комуницира со надлежните од УНЕСКО, кои пак следниот месец во ќе го посетат Охрид за да извршат увид на лице место.

Градоначалникот Георгиевски е уверен дека со планот ќе се овозможи одржлива урбанизација. Тој вели дека и сега би им ја смалил катноста на сите предвидени висококатници во детаљните урбаниситчки планови и дека повеќе нема да издава дозволи за градба за згради повисоки од 5 ката, колкава и да е предвидената катност во актуелните ДУП-ови. Наведе и дека во иднина ќе се води сметка како изгледаат зградите, односно ќе се внимава на автентичната архитектура и визурата на градот.

За да се реализира овој план наскоро ќе се менуваат и низа закони – за урбанистичко планирање, за градба и за градежно земјиште.

– Во врска со дивоградбите сакам да нагласам дека УНЕСКО не инсистира да ги урнеме сите, туку само оние кои имаат негативни влијанија во заштитените зони и на крајбрежјето и тоа ќе биде сторено. Секако дека ќе бидат урнати сите онбјекти што се на пет, десет метри од водата, тие никако не можат да се легализираат. Парите за уривање на дивоградбите не се проблем, ветена ни е помош од Владата. На сила е мораториум за нови дозволи за градба и тој наскоро ќе биде продолжен за нови шест месеци, додека планот да стапи на сила и додека да се донесат предвидените законски измени, затоа што нема поента сега да прекине мораториумот и да почне издавањето на градежни дозволи. Исто така, овој мораториум ја успори постапката за уривање на дивоградбите затоа што заради поднесените барања за легализација не можам да им издадам решенија за уривање – рече Георгиевски и додаде дека нема притисоци додека трае кампањата против дивоградбите.

Регистарот на дивоградби за општините Охрид и Дебарца е завршен, а до крајот на месецот треба да биде завршен и за Струга, по што ќе се изготви студија за уривање на бесправните објекти која ќе треба да га одобри и Министерството за транспорт и врски. Во меѓувреме, во Охрид, дел од сопствениците на довоградби почнаа сами да ги уриваат платформите изградени во самото езеро или на брегот, постапувајќи според решенијата што им ги издага Општина Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот