Со виртуелна картичка полесно надополнување и плаќање во автобус

Олеснување во начинот на плаќање и излегувањето во пресрет на сите оние патници што немаат доволно слободно време да чекаат ред за да надополнат нови возења во автобуската картичка. Нова можност за сите патници што постојано забораваат дека немаат надополнето за возења во автобус. За да се поедностави начинот на плаќање на возењата во автобусите, ЈСП „Скопје“ промовираше нов, поедноставен и побрз начин на надополнување на картичката. Станува збор за мобилната апликација „скопска“ која, како што објаснуваат од претпријатието, претставува замена за неперсонализираната електронска картичка. Еден од условите што треба да бидат исполнети е патниците што се одлучиле на овој нов начин да плаќаат за превоз, да поседуваат паметен телефон.

– Од неодамна е целосно функционална мобилната апликација „скопска“, која претставува замена за неперсонализираната електронска картичка „скопска“, практично таа е виртуелна автобуска карта. Апликацијата е достапна за корисници на паметни мобилни телефони со Андроид или ИОС оперативен систем. Апликацијата нуди низа поволности, меѓу кои основните за електронско купување и валидирање билет, а располага и со алатки (возен ред, мапа на постојки, рута на планирање и друго) кои во голема мера го олеснуваат користењето на јавниот превоз. Во изминативе неколку месеци, апликацијата ги мина сите фази на тестирање и очекуваме дека нејзините корисници нема да се соочат со проблеми од техничка природа, а во спротивно можат да пријават проблем на [email protected] – информираат од ЈСП „Скопје“.

Оттаму велат дека апликацијата е создадена исклучиво водејќи се со паролата „Биди во чекор со дигиталниот свет“, а претставува уште една дополнителна поволност за побрзо и поквалитетно користење на услугите на јавниот превоз во градот.

– И натаму корисниците на јавниот превоз билет можат да купат или валидираат со електронска картичка „скопска“, со опцијата Mobipay (мобилно плаќање), а може да се купи и хартиен билет во билетарниците на ЈСП „Скопје“ – објаснуваат од јавното сообраќајно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот