Со три нови објекти во Кисела Вода ќе се решава проблемот со чекање за упис во градинка

Фото: градинка во Усје

Во двете детски градинки во општина Кисела Вода, кои во својот состав имаат по шест објекти, престојуваат 2012 дечиња, меѓу кои и стотина од соседните општини. Од Кисела Вода објаснуваат дека проблемот со недостиг од слободни места во јавните детски градинки е присутен во цело Скопје, па од него не е исклучена ни оваа општина.

Во моментов на листа на чекање за упис во градинка има околу 200 деца. Во таа насока, локалната самоуправа интензивно работи на изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните и наскоро преземените мерки ќе дадат резултати. Имено, Општина Кисела Вода ќе обезбеди место за згрижување на преку 400 дечиња со отворање на три нови градинки – велат од Општината за „Слободен печат“.

Оттаму прецизираат дека во Усје веќе се одвиваат подготвителни активности за отворање нова градинка, преку адаптација со пренамена на објектот. Тука ќе се згрижат околу 70 деца, пред сѐ, од населбите Усје, Стаклара и Градинар.

Паралелно, во населбата Расадник во моментов работиме на проектот за изградба на сосема нов објект кој ќе биде во рамките на постојната, ЈДГ „8 Март”. Летово таму отпочнуваат градежни активности за изградба на нови 800 квадратни метри во кои ќе се згрижат околу 250 деца. Место за нови 100 дечиња и растоварување на постојните капацитети се овозможува и со пуштањето во функција на новата градинка во Драчево, „Пеперутка 3”, каде ќе се отворат нови шест групи за деца од 0 до 6 години. Пред неполн месец, пак, го проширивме и капацитетот на објектот „Синоличка – велат од Кисела Вода.

Во однос на условите во постоечките градинки од локалната власт тврдат дека сите објекти се во одлична состојба, но општината континуирано работи на дополнително подобрување на условите во нив, со цел на дечињата и вработените кои тука го поминуваат денот да им биде што поудобно.

Во поглед на запишувањето во градинка, сакаме да информираме дека приоритет при запишување имаат и ќе имаат дечињата од општина Кисела Вода, но се надеваме дека со отворањето на новите објекти, ќе бидат обезбедени доволно места за сите дечиња – тврдат од Општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот