Со свечена академија одбележан Денот на албанското знаме

Фото: mia.mk

Со свечена академија денеска беше одбележан 28 Ноември – Денот на албанското знаме и независноста, која беше под покровителство на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.

Талат Џафери, претседател на Собранието, во својот говор истакна дека времињата може да се променат, контекстите, исто така, да се променат, но најважни се, рече тој, темелот, столбовите и мостовите врз кои се гради и ориентира иднината на новите генерации во продолжувањето на патот и ќе ja имаат одговорноста и привилегијата да бидат рамноправни граѓани со исти права и обврски во Европската Унија (ЕУ).

– За ова е потребно градењето на здрави и на функционални институции што ги исполнуваат европските стандарди и се во служба на граѓаните и чиј избор зависи токму од тоа колку судството, извршната власт, законодавниот дом се фер, отчетни, одговорни и еднакви кон секого. Така, државата ќе ужива доверба од своите граѓани кои свртуваат поглед кон својата татковина и прават идни планови токму тука во огништето на нивните предци. Да изградиме мостови на соработка, развој и напредок, рече Џафери.

Али Ахмети потенцира дека од сите собранија што биле одржани за албанските прашања, докажано е дека не сме окупатори и угнетувачи. Посочи дека пораките што произлегле од нив секогаш биле за единство, за солидарност со другите што биле во окупација или со исти проблеми како нашите.

Косовскиот амбасадор во нашата земја, Ѓерѓ Деда истакна дека историјата и славата нè научиле дека колку повеќе нè удираат, како феникс толку повисоко се креваме.

Фатос Река, амбасадор на Република Албанија, во нашата земја потенцира дека придонесот на нашите предци во борбата за прогласување на независноста останува ценета и не треба да се заборави.

– По членството и на Северна Македонија во НАТО, обете наши земји се силно вклучени во спроведувањето на домашните задачи, продлабочувајќи ги реформите во сите сектори за да бидат подготвени да ги отворат преговорите за членство во Европската Унија. И ова е голем предизвик во кој албанскиот фактор во Северна Македонија, како и секогаш, знаеше правилно да се позиционира. Немаме друг избор освен да го реализираме ова што е можно поскоро за нашите земји Албанија и Северна Македонија да станат дел од европското семејство, правејќи го сонот на нашите предци реалност, рече Река.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот